Јас лично сум еден од поддржувачите на поблага казнена политика особено и кај овие кривични дела кајшто воопшто немаме ефикасност на гонењето или ефикасност на казненото законодаваство засновано само на застрашувачкиот момент на казната доколку се казнуваат мал број поединци, вели професорот Гордан Калајџиев за „Телма“ во врска со предложените измени на Кривичниот законик со кој се намалуваат казните за делата злоупотреба на службената должност и овластување, конкретно членот 353 и злосторничко здружување, односно членот 394 од КЗ.
-Казненото право е крајно средство и тоа подобро функционира или е замислено да функционира ако казната редовно ве затекнува. Значи поефикасна е недраконска политика кон која што целиме во последно време и која не ми се допаѓа а е проблематично од аспект на тоа и какви се условите во нашите затвори. А кај овие кривични дела на светско ниво, а тоа е препораката и кај нас се оди на сосема друго, се оди на ефикасно одземање на имотот стекнат со криминални или други нелегални активности, посочи Калајџиев.
Предлогот за законски измени на КЗ стаса во Собранието вчера попладне од Владата. Со една од промените се предвидува дека злупотребата на службената должност ќе се казни со казна затвор од една до 4 години, а со воведувањето на горната граница од 4 години делото може побрзо да застари од можноста за застарување со сегашното решение, според кое, пак, казната затвор е дефинирана на најмалку три години и нема горна граница. За делото злосторничко здружување се предлада пропишана казна затвор од десет години да се намали на најмногу три години.