„Се наоѓаме во неповторлив контекст, кога поради геополитичките прилики и потребата да се осигура стабилноста на европскиот континент, ние сме потребни на Европската Унија и на демократската меѓународна заедница, како што ни се потребни и тие нам“ рече премиерот Димитар Ковачевски на свечената академија по повод 8 Септември.
Тој додаде дека сите пораки од нашите стратешки партнери, од САД, од НАТО, од ЕУ се дека на Западен Балкан се гледа и како на економски потенцијал за трансатлантската заедница.
„Ова за нас значи дека највисоките минимална и просечна плата и пензии што ги постигнавме – ќе бидат многу повисоки, според европски стандарди. Домашните претпријатија коишто имаат најголема државна поддршка досега – ќе добиваат многу поголема државна помош да се развиваат дома, но и да бидат конккурентни на европскиот пазар од половина милијарда луѓе. Странските инвестиции коишто се најголеми досега, ќе бидат уште побројни, затоа што инвеститорите сакаат безбедност и предвидлива клима за инвестирање“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека ова не се надежи, туку се перспективи базирани на факти, бидејќи земја-членка на ЕУ добива 11 пати поголема европска помош од ЕУ-фондовите по глава на жител, од земја кандидатка.
„Државите коишто се зачлениле во Унијата, во првите 5 години имаат и до 100-процентно зголемување на платите на нивните работници. И имаат до 90-процентно зголемување на Бруто домашниот производ, што генерира општ економски раст во државата“ рече Ковачевски.