Џафери на средба со членови на Собранието на Косово, во фокус билатералните односи помеѓу двете земји

од Radmila Tasevska
279 прегледи

Билатералните односи помеѓу двете земји, нивните позитивни аспекти и прашањата на кои треба да се посвети дополнително внимание, како што е на пример олеснувањето на движењето на граѓаните од двете страни, беа во фокусот на средбата помеѓу претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, со членовите на работната група од Собранието на Република Косово.

Како што информираат од Собранието, денешната средбата е во рамките на посетата организирана од Националниот демократски институт чија цел е гостите одблиску да се запознаат со етичкиот реформски процес во нашата земја, со фокус на механизмот, кој иако сè уште не е усвоен од Собранието, е еден од најнапредните нацрт-етички кодекси.

Оттаму дополнуваат дека претседателот Џафери зборувал и за парламентарната соработка која, како што наведуваат, наидува на поддршка од двете страни и се одвива на сите нивоа, од претседатели на Собранија, до работни тела и групи за соработка.

– Размената на добрите практики е одлична појдовна основа и во тој контекст ги спомна проектите што ги реализираме заедно со донаторите и чии резултати се од голема полза за функционалноста на законодавниот дом. Меѓу другото, тука спаѓа и првиот Етички кодекс кој што беше усогласен во рамките на Дијалогот Жан Моне, а сега е во подготовка и последното усогласување кое што ќе се пушти во собраниска процедура. Во подготовка е и новиот Деловник за работа на Собранието, во соработка со Европскиот Парламент и кој што се усогласува со големо трпение и конструктивност на сите учесници во процесот. Целта е функционално Собрание кое ги извршува своите уставна надлежности на најдобар можен начин, стои во соопштението од Собранието.

Гостите се заблагодариле на можноста за средба со претседателот, и можноста за размена на корисни информации со претседателот и членовите на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, и со претседателот на Собранието, Џафери.

Во составот на делегацијата од Косово биле членови од законодавниот дом на Република Косово и од НДИ кои зборувале за досегашните активности и реализирани студиски посети во разни парламенти и се заблагодариле на поддршката што како земја ја добиваат од Собранието и нашата држава на сите меѓународни настани при што изразиле желба за понатамошно продлабочување на соработката.

Слични содржини