Група од над 3.500 израелски академици, писатели, уметници, поранешни дипломати и други јавни личности ги повикаа американскиот претседател Џо Бајден и генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш да избегнат средба со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за време на претстојната седница на Генералното собрание во Њујорк, поради, како што велат, контроверзната политика на неговата влада.
Во отвореното писмо, над 3.500 потписници, меѓу кои и познатиот израелски писател Давид Гросман и сликарката Тамар Гетер, ги повикаа Бајден и Гутереш да немаат средба со Нетанјаху ниту да го поканат да зборува на годишниот состанок на светските лидери на Генералното собрание на ОН.
Кабинетот на израелскиот премиер соопшти дека Нетанјаху следната недела ќе отпатува за САД, прво во Калифорнија, а потоа и во Њујорк, на седницата на Генералното собрание на ОН.
„Нетанјаху ги поттикнува граѓаните едни против други, ја загрозува безбедноста и економијата на земјата, врти грб на историскиот конфликт што го распарчува Израел – присилната доминација над палестинскиот народ“, се наведува во писмото.
Објавениот план за патувањето на Нетанјаху во САД не вклучува средба со Бајден во Белата куќа.
Американскиот претседател на почетокот на оваа година изјави дека нема намера да се сретне со Нетанјаху „во блиска иднина“, но ја омекна таа позиција во јули, оставајќи ја отворена можноста за неформални разговори за време на заседанието на Генералното собрание на ОН.