Грковска: За мене ќе биде суштинска забелешката од САД за измените на Кривичниот законик

од Nikola Popovski
397 прегледи

Заменик на Претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење, Славица Грковска утрово повторно изрази резерва околу измените во Кривичниот законик.

Членот за проширената конфискација е всушност член од мојот кабинет. САД се наш стратешки партнер и за мене ќе биде суштинска нивната забелешка и коментар за овие измени. Исто и од ЕУ, кажа Грковска во изјава за новинарите.

Собранието со европско знаменце и по забрзана постапка минатата недела донесе измени на Кривичниот законик со кои се предвидуваат помали казни за функционерите кои ќе ја злоупотребат положбата, при што претседателот Стево Пендаровски го потпиша указот.

Амбасадорката на САД, Ангела Агелер, вчера одговарајќи на новинарско прашање да го коментира брзото усвојување на измените, рече:

„Правниот тим на американската амбасада ги разгледува, не сум ги видела лично, така што не можам да ги коментирам, а како што кажавме во соопштението на Стејт департментот, неопходно е да се следат процедурите на правниот систем на земјата“.

Додаде дека ја охрабруваат Северна Македонија да ги исполни своите ветувања во борбата против корупцијата.

Лидерите мора да покажат силни, опипливи, антикорупциски резултати преку зајакнување на институционалната независност и спречување политичко мешање, особено во судството, што е од суштинско значење за исполнување на целите за пристапување во ЕУ и градење доверба на граѓаните во владата, истакна Агелер, присуствувајќи на почетокот на изградбата на Коридорот 8.

Слични содржини