Бектеши на маса со претставници на супермаркетите, од следната недела забрана за продажба на производи на акција и замрзнување на цените

од Nikola Popovski
398 прегледи

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска ќе оствари средба со претставници од ланците на супермаркети во врска со мерките што ќе следат во делот на утврдување на цените на прехранбените производи. Најави дека на предлог на Министерството за економија, на следната седница на Владата во вторник треба да се донесе одлука да се замрзнат цените на  прехранбените производи.

Бектеши исто така вчера информира дека испратил предлог-одлука за забрана на сите супермаркети и трговци до 30 ноември да нудат акциски и промотивни продажби.

„Можеби ова изгледа како чудна одлука, имајќи предвид дека на граѓаните ќе им ускратиме одредени намалувања на цените. Но, не е така бидејќи следната недела ќе има одлука за намалување на цените во прехранбената индустрија“, рече Бектеши.

Според него, одлуката за забрана за промотивна и акциска продажба е донесена „затоа што е забележано дека одредени синџири на супермаркети прават измами со можност за создавање промотивна продажба или одредени кампањи“.

„За да им биде јасно на потрошувачите и на граѓаните, тие нема да ја имаат оваа можност и точно ќе знаат колку е одредена цена, а не да ја пресметуваат дневно или неделно со тие цени и да ги доведуваат во заблуда“, додаде Бектеши.

Министерот потенцира дека очекува до понеделник, пред одлуката за замрзнување на цените на прехранбените производи, да има линеарно намалување на цената на сите прехранбени производи за најмалку 10 отсто.

Тој посочи дека инфлацијата е намалена, но дека според анализите на Министерството за економија има голем простор за дополнително намалување на цените на прехранбените производи.

Бектеши истакна дека сите завршни сметки, особено на големите синџири супермаркети, „покажуваат дека минатата година немале намалување, туку зголемување на приходите“ и додаде дека „од крајот на 2019 година берзанските цени во светот се зголемени за 23,3 проценти, а во Северна Македонија, за жал, за 47 проценти“.

Веќе нема да постојат џентлментски договори, туку ќе има конкретни и концизни одлуки кои мора да се почитуваат од сите што вршат трговија, а воедно и од производителите на основните прехранбени производи. Нема веќе да се преговара и овие ќе бидат конечни одлуки, дециден е министерот.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и вчера порача дека во кризно време компаниите не треба да бидат една од причините за кризата да биде уште поголема.

Нагласи дека цените на светските берзи заради инфлацијата се зголемени за една четвртина помалку отколку во земјава.

Слични содржини