Градоначалникот на Карпош и лидер на ГРОМ, Стевче Јакимовски смета дека измените на Кривичниот законик се всушност „поголема галама, а никој не сака да каже дека за ова се зборува веќе 3-4 години“. Како што вели, членот 353 е класичен политички став од кривичниот закон, според кој можете да уапсите, обвините и осудите било кого.
Никој не бега од одговорност, но потребно е одговорноста да се прецизира. Замислете тој што ја направил грешката, одговара за несовесно работење и му се заканува затвор од 6 месеци до 3 години и најчесто си го признаваат делото и се осудени условно, а тој што бил министер, градоначалник, директор кој не ги работи предметите и по дифолт ги потпишува, му се одзема пасошот, се бара притвор и му се заканува затвор од над 5 години. На тој начин ја сузбиваме корупцијата?, прашува Јакимовски во емисијата „Студио 10“.
Според него, „службеникот е заштитен како мечка од планина“.
Како не судат по тој предмет? Не можеш да влијаеш врз него, не можеш да го смениш, не можеш да го избркаш и сосема е автономен во одлуките. Зарем не се наситивме за што лежи Гордана Јанкуловска или Ѓоко Поповски? Видовме ли таму пари украдени? Миле Јанакиески златно дете…Сите денешни проекти се од него. Функционери лежат затвор за командна одговорност и тоа не е во ред, смета Јакимовски.
Градоначалникот бара поголеми казни за како што вели, „дрогирашите, разбојниците и пет-шест фамилии од Злокуќани што го тормозат цело Влае и Карпош“.
Нас ни испаѓа дека најголемо зло во државата се политичарите. Кај испадна дека ја видовме корупцијата? Никаде не беа фатени пари. Од друга колку нови институции и нови овластувања и се да се открива на време, додаде Јакимовски.