Албанската полиција приведе 233 лица во акција против шверц на дрога, во која учествуваа 3.000 полицајци во повеќе градови низ државата.
Шефот на албанската полиција Мухамет Румбулаку и министерот за внатрешни работи Таулант Бала во главниот град Тирана споделија детали од операцијата, со кодно име „Храм“, која ја нарекоа „мега операција“.
Наведувајќи дека развиле оперативен план со обвинителството, единицата за истраги за наркотици и 12 локални полициски оддели, Румбулаку рече дека удриле и уништиле 23 криминални групи кои дејствувале во главниот град Тирана, како и во Драч, Горица, Валона и Елбасан.
Румбулаку изјави дека акцијата е организирана за да се спречи дистрибуција на дрога во училишни простории, барови, ресторани и резиденции и подвлече дека во последните осум месеци се покренати 170 истраги против „производство и продажба на дрога“ и „шверц на дрога“.
Министерот за внатрешни работи Бала посочи дека акцијата е само почеток на новиот пат кој ја покажува решителноста на Владата на Албанија „бескомпромисно да се бори против производството, трговијата и дистрибуцијата на секаков вид дрога“ во земјата.
„Воспоставувањето и заштитата на безбедносните кругови во училишните зони е наш посебен фокус“, рече Бала.
Надлежните соопштија и дека во акцијата се приведени 233 лица, а по уште 82 лица е издаден налог за претрес.