Сомнежот за необјаснето повеќенеделно отсуство на кинескиот министер за одбрана Ли Шангфу се продлабочи во петокот, бидејќи некои медиуми објавија дека тој бил предмет на истрага, а американски дипломат прашува дали е во домашен притвор.
Според упатени извори, 65-годишниот Ли не присуствувал на закажаните состаноци со виетнамскиот и сингапурскиот министер за одбрана во последните недели.
Последен пат беше виден во Пекинг на 29 август кога одржа предавање на безбедносен форум со африканските земји.
Американската влада верува дека Ли е под истрага, објави во петокот „Фајненшл тајмс“, цитирајќи американски официјални претставници. „Волстрит журнал“ објави дека тој бил одведен на сослушување минатата недела и отстранет од функцијата.
Рам Емануел, американскиот амбасадор во Јапонија, во објава на X напиша: „1. Министерот за одбрана Ли Шангфу не е виден или слушнат веќе 3 недели; 2. Тој не се појави за време на неговото патување во Виетнам. Сега: Тој е отсутен од закажаната средба со командантот на морнарицата на Сингапур затоа што му е одреден домашен притвор???“
На прашањето дали Ли е под истрага, портпаролката на Министерството за надворешни работи Мао Нинг рече дека „не е запознаена со релевантните информации“.
Отсуството на Ли следи по необјаснетата смена на министерот за надворешни работи Чин Ганг во јули по долг период отсуство од јавноста и промена во раководството на елитните ракетни сили на Народноослободителната војска.