Синот на „Ел Чапо“ екстрадиран во САД

од Nikola Popovski
161 прегледи

Овидио Гузман, син на затворениот мексикански нарко бос Хоакин „Ел Чапо“ Гузман, бил екстрадиран во петокот во САД, кои го бараат поради обвинение за дрога, соопштија во саботата мексиканските владини претставници.

Претходно, мексиканските медиуми, вклучително и информативната мрежа Миленио, објавија дека Гузман бил изваден од затвор за да биде екстрадиран. Канцеларијата на мексиканскиот државен обвинител соопштил дека нема коментар по повод настаните, пишува „РСЕ“.

Гузман беше уапсен во Мексико во јануари по интензивна размена на оган во северната држава Синалоа. Американската влада побара негова екстрадиција во февруари за да може да се соочи со обвиненија за дрога пред американскиот суд.

„Оваа акција е последниот чекор во напорите на Министерството за правда да го нападне секој аспект од работењето на картелот“, рекол американскиот државен обвинител Мерик Гарланд во изјавата за екстрадицијата.

Според американските судски документи, Гузман и неговите браќа наводно контролирале обемни меѓународни операции за трговија со фентанил, собирајќи стотици милиони долари и „преплавувајќи ги“ САД со смртоносните опијати.

Во 2021 година, Стејт департментот понуди награда од 5 милиони долари за информации што ќе доведат до апсење или осудување на Гузман.

Неговиот татко, во меѓувреме, отслужува доживотна затворска казна во САД, откако беше прогласен за виновен за трговија со дрога и перење пари во 2019 година.

Слични содржини