Од полноќ во Полска нема да им биде дозволен влез на приватни руски автомобили

од Nikola Popovski
256 прегледи

Од полноќ, автомобилите со руски регистарски таблички повеќе нема да смеат да влезат во Полска, без разлика кој ги поседува во моментот.

Полска денеска ја продолжи забраната што важеше за камиони и на патнички возила, најави тамошниот министер за внатрешни работи и администрација Мариуш Камињски.

„Претходно не се дозволуваше влез на руски камиони, сега ја заокружуваме таа забрана. Ниту еден руски автомобил повторно нема да влезе во Полска. Тоа важи за сите, без разлика дали се користат за комерцијални цели или приватни автомобили, без разлика дали сопственикот е руски државјанин или државјанин на друга земја“, изјавил министерот Камињски пред новинарите на граничниот премин Тереспол-Брест на границата со Белорусија.

Претходно оваа недела ваква забрана воведоа балтичките републики и Финска.

Камињски се осврна на препораките на Европската комисија за влез на руски возила на територијата на Европската унија.

„Тоа е уште еден елемент на санкции против Русија и нејзините граѓани во врска со бруталната војна во Украина. Ова е поврзано со фактот дека руската држава денес претставува закана за меѓународната безбедност“, рекол полскиот министер за внатрешни работи.

Слични содржини