Претседателот Стево Пендаровски денеска во Њујорк, на маргините на 78. Генерално собрание на Обединетите нации, оствари билатерална средба со претседателот на Кипар, Никос Христодулидис.
Како што соопшти Кабинетот на Пендаровски, на средбата се разговараше за односите меѓу двете земји при што двајцата претседатели констатираа дека по воспоставувањето на дипломатските односи во 2019 година се отвораат можности за развивање на соработката во области од заемен интерес.
-Претседателот се заблагодари за континуираната поддршка од Кипар на нашиот пат кон европската интеграција и изрази очекување таа да продолжи. Соговорниците се согласија и за јакнење на соработката на мултилатералните форуми, особено взаемната поддршка за кандидатурите. На средбата стана збор и за економските релации меѓу двете земји, при што соговорниците се заложија за унапредување на економската соработка, зголемување на обемот на трговија во областите на земјоделството и прехранбената индустрија, туризмот, банкарството и финансиите. Во тој контекст, претседателите изразија интерес за одржување на Бизнис форум меѓу двете земји, информира Кабинетот на Пендаровски.