Докторот и поранешен директор на Клиниката за токсикологија, Нико Беќаровски се огласи на социјалните мрежи после објавата дека македонски пиперки со забранет токсичен пестици биле увезени во Хрватска. Според него, во текот на неговите 33 години клиничка пракса, имал стотици вакви суицидни труења и со исклучок на неколку екстремно тешки случаи, сите други успешно заминувале од клиниката за 3-5 дена.
Тој информира дека конзумирањето на пиперките кои се вратени од Хрватска, е исто толку штетно колку и јадењето на било која друга пиперка, прскана со било кој друг пестицид.
Да бев премиер на Македонија, вратениот контингент бесплатно ќе го разделев на социјалните слоеви на граѓани, кои поради високите цени овој производ се повеќе само го гледаат, а не може да си дозволат да го купат, додава Беќаровски, при што тврди дека ниту еден нема да има акутни или хронични здравствени компликации од еднократна употреба на овие пиперки.
Агенцијата за храна и ветеринарство, вчера најави дека доколку пратката со небезбедните производи се врати во земјата, АХВ ќе издаде налог за нејзино нештетно уништување, кое ќе се реализира под надзор на инспекциските служби на Агенцијата.
Пестицидот форметанат е забранет во Европската Унија поради сомневање дека лошо влијае врз здравјето на луѓето.