Провокациите на Косово се со однапред смислена агенда, тврди Ахмети и побара да се делува мудро

од Nikola Popovski
474 прегледи

И лидерот на ДУИ, Али Ахмети реагираше на инцидентите кои во последните два дена се случија на северот од Косово. Според него, нападот врз локалната косовска полиција е напад врз мирот, стабилноста и безбедноста на целиот регион. Тој најостро го осуди убиството на полицаецот во неделата во раните утрински часови.

-Оваа тешка провокација е намерна со однапред одредена агенда, па затоа треба да се делува со ладнокрвност и мудрост бидејќи последиците може да бидат регионални, односно да се одразат врз мирот и стабилноста во регионот. Овие случувања се неприфатливи и поради тоа неопходно и итно е потребна координација и соработка со меѓународната заедница, гарантирајќи мир и независност на Косово, порача Ахмети во објавата на социјалните мрежи.

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска преку својот Фејсбук профил исто така ги осуди инцидентите на северот на Косово.

-Остра осуда за инцидентот што се случи на Косово и за сите оние кои придонесоа тој да се случи. Од современите политички лидери се очекува да донесат мир и просперитет, а не поделба и конфликт. Целосна поддршка на КФОР и сите нивни идни активности со цел да се гарантира мирот и стабилност во регионот, објави Петровска.

Претходно, првиот вицепремиер Артан Груби и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ги осудија инцидентите на северот на Косово, изразија сочувство до семејството на загинатиот полицаец и апелираа за брзо пронаоѓање на сторителите и стабилизирање на состојбата.

Груби оцени дека нападот и убиството на косовскиот полицаец е „обид да се предизвика криза и конфликт со последици за мирот, стабилноста и безбедноста на нашиот регион“.

Тој апелираше на будност и зрелост, итно апсење на убијците, стабилизирање на состојбата, решителност за воспоставување ред и мир и блиска соработка со меѓународната заедница.

Шефот на дипломатијата, Османи преку Фејсбук го осуди нападот.

-Овој чин на насилство мора да биде темелно истражен и кривично гонет. Стабилноста и безбедноста на Косово нема да бидат поткопани со акти на насилство. Безбедноста на граѓаните е на прво место, рече Османи.

Слични содржини