Балканско „буре барут“: Дали престрелките кај Бањска ќе ги прекинат преговорите меѓу Белград и Приштина?

Што се случи во неделата на Косово: „Без поддршка од надвор тешко е да се обезбеди толкава количина на оружје“

од Nikola Popovski
706 прегледи

Безбедносната ситуација се уште е тензична, велат од косовската полиција, после еден ден откако при обидот на група Срби да го блокираат патот во селото Бањска, дојде до вооружен конфликт во кој тројца напаѓачи и еден припадник на косовската полиција беа убиени. Моментално блокирани се сите три приоди кон село Бањска, од правец на Звечан, Зубин Поток и од автопатот Косовска Митровица-Лепосавиќ. Ситуацијата во Северна Митровица, ден по инцидентот во Бањска, засега е мирна, но тензична.

И Белград и Приштина обвинуваат и изнесуваат своја верзија на настаните. Останува дилемата како вооружената група на српски државјани дошле до оружје со долг отстрел и во толкав арсенал, типично за редовните или паравоените единици, како што обвинија од косовските власти. Според поранешниот пратеник во македонското Собрание и познавач на состојбите, Зуди Џелили, целта на групата била дестабилизација на Косово и на Западниот Балкан во полза на руската инвазија во Украина. Оценува дека немилиот настан што се случи вчера, ги загрози сите на Косово и во регионот.

Зуди Џелили

Групата не наиде на поддршка на локалното население. Брзата и ефикасната интервенција на косовската полиција ги изолираше и не дозволија конфликт од поголеми размери со можни цивилни жртви, анализира Џелили.

Соговорникот обелоденува дека оружјето што е запленето показува дека намерите биле за воен конфликт.

Експертите викаат дека без поддршка од надвор тешко е да се организира и обезбеди толкава количина на оружје. Лицата што се појавија со блиндирани возила и со тешко вооружување се виде дека се професионалци и дека се обучени за овој терористички напад, посочува поранешниот пратеник.

Го поздравува тоа што ЕУ осуди настанот, иако првично критиките на шефот на косовската дипломатија биле дека Борел бил премногу воздржан во изјавата и дека напаѓачите не ги нарекол „терористи“.

Борел со втората изјава беше појасен и беше во иста насока со изјавите на сите други фактори од меѓународната заедница, кои го осудија овај акт како напад врз мирот и стабилноста на Косово од униформирана, тешко вооружена терористичка група и побара да одговараат пред правдата, нагласува Џелили.

Сепак порачува дека дијалогот е неопходен и дека мора да се продолжи да се бара решение.

Сите недоразбирња се решаваат преку дијалог и со разбирање од сите страни, во корист на мирот и стабилноста. Конфликтите не му носат ништо добро на никого. Србија треба да се дистанцира од насилство, време е да сфати дека конфликтите што се случија во блиското минато на никого не му донесоа среќа, туку само тага и големи штети, смета Џелили.

Енвер Салихи

Аналитичарот и поранешен член на ДИК, Енвер Салихи, пак смета дека групите кои функционираат во Северот на Косово се организирани и дејствуваат како паралелни структури и се занимаваат со нелегални бизниси и се вистински терор за локалното население. Во разговор за „Локално“ вели дека со ваквиот инцидент не се работи за прекинување на преговорите меѓу двете страни, туку се работи за обид да се воспостави ред и контрола врз целокупната територија онака како што налага косовскиот Устав и закони. Дециден е дека територијалниот интегритет и целокупната контрола не биле целосно спроведени во минатото и сега кога тоа се прави им смета на лицата кои се занимаваат со нелегални бизниси и дејствуваат како двојни структури.

Околу пределот каде што се случија престрелките, Салихи вели дека се работи за зони кои се неразвиени и каде граничната линија не била под контрола на косовската полиција и секако дека ваквата разнишана ситуација била искористена за нелегални дејствувања како и шверц за оружје и разни нелегални активности.

Воспоставување на ред и контрола врз ваквите групи е интерес за Косово, Србија и целиот балкан, уверен е соговорникот.

Според негово мислење, досегашните преговори меѓу Белград и Приштина се без конкретни резултати и секако дека ЕУ и САД треба да се загрижат зошто се должи заостанувањето на точка нула на овој процес.

Секако секој екстремизам е за осуда и претставниците на меѓународната заедница треба да ги осудат како такви како не би ги охрабриле лицата кои се занимаваат со шверц на оружје и нелегални активности. Сметам дека со последните настани веќе е дојдено време активно да се позанимава меѓународната заедница да овој случај се реши во рамките на целокупниот интегритет на Косово каде Србите уживаат големи права. Сметам дека секое одложување не е во интерес на поширокиот регион, порачува Салихи.

Н.П.

Слични содржини