Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, во Вашингтон остварил средба со Дејвид де Фалко, заменик помошник секретар за Европа и Евроазија при американското Министерство за трговија.
На средбата, како што соопшти владината прес-служба, Битиќи и де Фалко разговарале за унапредување на економската соработка помеѓу Северна Македонија и САД особено во областите на енергетика, ИКТ, земјоделство, транспорт и во одбранбената индустрија.
Вицепремиерот Битиќи истакнал дека размената на стоки меѓу Северна Македонија и САД бележи нагорна линија.
-Во периодот јануари – јули 2023 година размената на стоки бележи пораст од 3.8 отсто во однос на истиот период од претходната година. Ова се многу оптимистички бројки кои говорат за потенцијалот на соработката која може да биде уште поголема, додал Битиќи.
На средбата, вицепремиерот Битиќи го ставил фокусот во креирање силен регионален синџир на вредност со што значително ќе се подобри конкурентноста на Северна Македонија, и тука ја спомнал потребата од „near shoring“, со што земјата, регионот, но и Европа како целина нема да зависат од далечните азиски синџири за снабдување, како што беше примерот за време на КОВИД кризата.
Заменик- помошникот на американскиот секретар за трговија за Европа и Евроазија, Дејвид де Фалко, истакнал дека Северна Македонија е стратешки политички и економски партнер на САД и додал дека оваа соработка ќе се унапредува уште повеќе во наредниот период.