Расколот меѓу мицковистичко ДПМНЕ и ВМРО

од Nikola Popovski
531 прегледи

Расколот меѓу мицковистите од дпмне за кои деновиве дознавме и дека се Заеви мициња, и ВМРО, воопшто не беше неочекуван туку токму напротив, чудно беше што не се случи многу одамна, практично десетина дена откако мистериозно некако некои му го дадоа печатот и касата на нивниот сегашен „лидер“ кои неговите мошне припрости следбеници го нарекуваат „Даскалот“ а во интелектуалната јавност е познат како „асистентот на тато“. Овој жесток и драматичен судир мораше да се случи затоа што беше историска, дијалектичка нужност, како уште една битка во Пантеонот на ВМРО меѓу политичките предавници на ВМРО кои за жал моментно сеуште го имаат печатот сосе полната каса, и вистинското ВМРО. Тоа е судир меѓу автентичната идеологија на ВМРО и грст Заеви мициња кои веќе 6 години ги деструираат фундаменталните вредности, парадигма и атемпорална идеологија на ВМРО со тотално погрешни политики и делување.

Уште повеќе, деновиве најдиректно дознавме и за една од побитните причини и мотиви за таквото нивно, на мицињата, анти-ВМРО делување – а тоа е соработката (коалицијата) со поранешниот претседател на СДСМ. Бизарниот факт за долгогодишната соработка меѓу мицињата и З.Заев можеше да се забележи одамна, и тоа беше и е главната пречка за формална промена, да не кажам прогонување (во традициите на историјата на ВМРО) кога станува збор за политички предавници, на мицињата од ВМРО дпмне. Патем, по јавното обелоденување на оваа коалиција Заев – мицињата, конечно стана јасно зошто целосно неочекувано СДСМ ги изгуби катастрофално локалните избори, којзнае, можеби тоа било договорено меѓу коалиционите партнери. Кога во оваа ситуација ќе се додаде и кажувањето на секогаш добро информираниот Ахмети од ДУИ за некакви средби и креирање на хибридни центри со учество на, парафразирам, поранешни и сегашни претседатели на политички партии (со јасна алузија кон т.н. асистент на тато и Заев) тоа значи дека денес фактички имаме две главни политички партии – од една страна СДСМ а од друга коалицијата Заев – мицковистичко дпмне.

Скандалозната информација за оваа коалиција дава нова светлина за прецизна интерпретација на важните анти-ВМРО дејствувања на мицињата во изминатите 6 години. Да повторам по којзнае кој пат, сите круцијални политички настани во последните години беа директно или индиректно овозможени, помогнати, дозволени од страна на Заевите мициња, алијас дпмне – од промената на името кога нивни пратеници гласаа „за“ додека мицињата на Заев се шетаа на широк сокак во Битола (или беше во славното струшко Ташмаруништа), преку двојазичноста, референдумот кој беше бојкотиран и со тоа се даде политички и историски легитимитет на промената на името, изборот на поранешна министерка од Влада на Бранко Црвенковски за претседателски кандидат на дпмне, коалицијата со Зијадин Села т.е. Алијанса на Албанците и речиси незамисливата актуелна коалиција со БЕСА на Билал Касами, веројатно намерното опструирање на пописот и внесување на конфузија (пластичните штандови за потписи за нов закон за попис) со што драстично се намали бројката на Македонци, можеби за атер на коалицијата со Зијадин во тоа време, итн.итн. Сите овие и многу други дејства и политики се тотално анти-ВМРОвски! Тие се предавство на единствената и кохерентна идеологија на ВМРО! Заевите мициња, оттаму, се политички предавници на ВМРО! И затоа, мораше еден ден да дојде до расколот меѓу истите и оние кои беа и се целосно приврзани за парадигмата наречена – ВМРО!

Дознавме и уште една многу важна и крајно загрижувачка информација за психолошкиот профил на Заевите мициња, искажани од човек кои директно ги поставил на поранешни државни и партиски функции, а денес тие истите се перјаници на Заевите мициња. Имено, според шокантните сведоштва на Н. Груевски тие таму од Заево-мицковистичко дпмне не само што се предавници на ВМРО туку страдаат и од психопатолошки нарцисизам, дел од нив имаат Едипов комплекс, дел се лажговци, некои се пакосни материјалисти, некои имаат Наполеонов синдром, некои се хистерици… Политичко-психолошката дијагноза на Заевите мициња просто мора да стане единствен критериум за гласање кај секој нормален човек – мошне опасно по државата и народот би било вакви политички пореметени  личности, со ваква типологија на карактер, да дојдат на власт – па, тогаш Северна Кореја ќе биде Дизниленд за Македонија! Скраја да е таа, за жал, сеуште реална можност заради толку политички изгубениот во време и простор СДСМ, и затоа највисока персонална патриотска и граѓанска должност на секој човек што живее во оваа држава е отворено делување против Заевите мициња и гласање против нив! Нивниот пораз, на Заевите мициња, ќе биде победа на демократијата, слободата и нормалното функционирање во светот на животот – наспроти диктаторските, тоталитарни сталиново-нацистички перспективи кои произлегуваат од самата помисла на Заевите мициња после шокантните но веродостојни, персонално емпириски верификувани дијагнози на истите од страна на човек што најлично ги  познава поголемиот број од нив!

Загрижувачки е што сеуште, се чини, обичните луѓе не се свесни за опасноста од доаѓање на Заевите мициња на власт. Без оглед на нивниот тоталитаризам во јавно-медиумскиот дискурс, што може да биде слика и индикатор како би изгледала Македонија ако дојдат на власт штом од опозиција воспоставуваат медиумски тоталитаризам, додуше со помош на СДСМ – па овојпат да предупредам на една (од мноштвото) опасности. Имено, нема повеќе дилема: ако не гласаат за промена на Уставот Заевите мициња веројатно ќе победат на изборите догодина бидејќи ќе се претстават како патриоти; ако гласаат, со било какво образложение или изговор, ќе ги изгубат изборите. Тоа секому е јасно, и затоа нема да гласаат, како што прецизно антиципирав пред неколку месеци наспроти лажниот оптимизам кои некои неупатени околу СДСМ го градеа во овој  контекст. Очекувано е хистерично да креираат квази патриотизам, само тоа им остана, а посебно сега откако сиот Македонски народ дозна дека не само што биле мициња, спротивност на ВМРО, туку да ти биле згора на тоа и – Заеви мициња! Оттаму, тие од, за жал, сеуште незапленетата бела палата можат да опстојат само со квази патриотизам кај помалку информираните, да не кажам припростите, полуписмени луѓе сосе еден куп алчни за власт и пари. Во тој речиси психопатолошки занес за власт, Заевите мициња почнаа да ја претвораат Македонија во 21 век налик на Германија во 1933 година. Длабокото чувство на национален пораз и неправдите кои објективно се случија од 1991 година до денес се како оние кои доминирале во јавното мислење таму, како последица на првата светска војна и мировните договори со кои Германија морала да плаќа огромни репарации. Копнежот по подобро, побогато општество и живот се трансцендирал во изборите по кои национал социјалистите на Хитлер добиле апсолутна власт, нешто како посакуваните 61 пратеник на мицињата. Како заврши сето тоа, белким знаете – со милиони жртви, разурнати радови, сиромаштија. Апокалиптичните слики од Берлин во 1945 година денес се и  предупредување како завршуваат тие ирационални соништа за сопствената грандиозност. Убаво е да се живее во соништа, но животот не е сон, таму нема место за фантазии туку за свирепа реалност и факти; дури, понекогаш, фантазиите се најбрз пат до амбисот од кои нема враќање.

Фантазиите не се реалност се додека не бидат – реализирани. Ние мора да се погледнеме во нашето огледало и да сфатиме, колку и да е тоа болно, дека во овој историски миг ова е максимум што може да добиеме токму заради – нас самите. Болно е тоа сознание, непосакувано, и затоа е природен отпорот, иако негативниот аспект на договорот со Бугарија (протоколите) може да се надмине доколку народот – гласачите не гласаат за Заевите мицињата и со тоа донесат ново раководство таму. Заевите мицињата го стимулираат свесно и опортунистички тоа колективно чувство на грандиозност затоа што очекуваат дека тоа ќе им донесе изборна победа догодина. Во тоталитаристичката медиумска пропаганда која со години дифузира невистини и квази-патриотски тенденциозни читања на договорот со Бугарија резултира со речиси целосно потиснување на рационалното мислење и негова замена со митови и Бодријаровски симулакруми кои станаа реалност повеќе и од реалното. А националните митови мораат да имаат основа во реалноста, бидејќи во спротивно можат да придвижат опасна спирала на ирационални случувања. Конечно, и  национал социјалистите во Германија мислеле дека се силни, паметни, се до нападот на нивната земја, па се отрезниле од самозамислената нивна грандиозност. Зарем и во 21 век треба да се појави некој нов Жуков за да ги рассони оние кои подлегнале на заносната пропаганда? Знаете дека тогаш веќе беше доцна за Германците, капитулацијата со милионски жртви беше само прашање на време. Заево-мицковистичко дпмне не може да опстои без тие квази патриотски нарации и затоа упорно ги рециклира а секој нормален знае дека се лага; ги користат најсировите, примордијални слоеви на самосвеста за да дојдат на власт, а ги знаеме – за знамето на голема албанија при посетата на Курти не смееја ни да писнат, во коалиција се со радикалите од БЕСА, со Али Амети се гушкаа, со Зијадин едно време често се дружеа. И замислете, и покрај овие факти, сепак, сеуште, парадоксално, ги користат најсировите импулси на Македонскиот човек, перманентното чувство на пораз за кои тие се виновни сосе лекомисленоста и верувањето во лажните идоли од страна на нивните гласачи.

Но, тука доаѓа предупредувањето на пратеникот Зејд (кое не е единствено, напротив, има многу  такви) кое мора да биде сфатено во неговата сериозност, дури и како рефлексија на колективното мислење на речиси половина од жителите во државата (да повторам бидејќи е од фундаментално значење – заради конфузијата внесена од Заевите мициња во време на пописот, сега Македонците се само околу половина од вкупниот број на жители). Бидејќи веднаш надоаѓаат хорор сценарија, доволно е само да се сфати смислата и значењето на ова предупредување, упатено кон Заевите мициња, но и кон нас, ако дозволиме токму тие, Заевите мициња, да дојдат на власт!  Македонија мора да се врати кон реалноста, да не биде заведена од алчноста за власт претставена као национална битка, и тоа, замислете каква иронија, од страна на Заевите мициња. Македонскиот народ не смее да ја погледне нимфата која занесно ги повикува архаичните слоеви на националната самосвест, оти ќе се скамениме. Незапленетата бела палата на политичкото зло не е Македонската нимфа!

Реален излез од сеопштата тегобност која ја предизвикува самиот феномен Заеви мициња е продолжување на нивното разголување до коска односно до последната лага, и лично очекувам и се надевам на понатамошна битка меѓу вистинското ВМРО против Заевите мициња. Низ таа битка од која зависи иднината на Македонија сигурно ќе се демистификуваат докрај сите политички и други лаги кои доаѓаат од „дувлото на политичкото зло“ наречено Заево дпмне. За жал, не е фер оваа битка – тие, Заевите мициња, имаат огромен, милионски движен и недвижен имот (иако со првостепена судска одлука тој одамна требаше да им биде конфискуван и разделен на народот), потоа само за оваа година над 1,4 милиони евра народни пари од државниот буџет, речиси сите ТВ и огромен број електронски портали, итн.итн. Другата страна нема ништо освен –  историска агонистика на ВМРО и должност кон Македонија. Но, зарем некогаш му било лесно на Македонскиот човек?

Д-р Тони Науновски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот

Слични содржини