Маричиќ демантира дека праќал бакнежи: Стојаноска им нанесе срам на пратениците

од Nikola Popovski
645 прегледи

Вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ најостро ги демантира, како што вели, недостојните и ниски лаги на пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска. Уверува дека со неа ниту имал било каква комуникација ниту ѝ испраќал било каква вербална или гестикулативна порака.

-Ништо од тоа. Дефина Стојаноска денеска им нанесе срам на сите пратеници, на цел парламент и пред сѐ на нејзината партија. Сепак, најголемиот срам си го нанесе себеси, истакна Маричиќ преку објава на социјалните мрежи.

Функционерот посочи дека граѓаните заслужуваат достојно однесување од своите избраници, а не срамни потези за евтини и партиски манипулации.

-Достојноста на македонскиот парламент е многу поважна од личните и партиски интереси на Дафина Стојаноска и од нервозата и безидејноста која владее во нејзиниот табор, додава Маричиќ во објавата.

Стојаноска денеска од собраниската говорница го обвини Маричиќ дека ѝ праќал бакнежи и намигнувања од неговото пратеничко место.

-Лигав еден. Ужас. Ова е скандал од невидени размери. Вака не може да ви пуштаат да се однесувате, му рече пратеничката на Маричиќ во својот говор.

Слични содржини