За ситуацијата во општината Маврово и Ростуше и проблемот со големиот број на мечки кои се симнуваат од планините во околните села, директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов денеска информира дека ја посетил општината и истакна дека населението во селото Жировница е исплашенo бидејќи мечките секојдневно се шетаат и влегуваат во нивните дворови.
Ангелов соопшти дека има секојдневни напади на пчеларници, но и секојдневни случаи на убивање на овци, кози и крави, кои локалното население ги чува во и околу селото.
Директорот на ЦУК напомена дека отстрелувањето на мечките е најнеблагодарната и најнеблагородната работа, кон која не се стремат, но порача дека животот на граѓаните е секогаш на прво место.
-Ќе ја разгледаме опасноста. Од самите мешани беа детектирани неколку мечки кои покажале агресивно однесување и кои што веќе имаат влезено во неколку куќи. Ги кршат вратите и пробиваат внатре, рече Ангелов на прес-конференција. Тој додаде дека Владата е таа која што треба да одлучи што понатаму.
-Наша цел не е отстрел на овие благородни животни. Ги сакаме мечките, но повеќе ги сакаме луѓето, потенцира Ангелов и соопшти дека за во понеделник е свикан состанок на група за проценка, на која ќе се одлучи како да се реши проблемот.
Засегнатата општина донесе одлука да побара од Владата да биде прогласена кризна состојба на територијата на Маврово и Ростуше поради зголеменото присуство на кафената мечка.