Припадниците на Армијата на Република Северна Македонија кои се дел од мултинационалните сили на НАТО во Бугарија се на ниво на задачата, мотивирани, посветени и исклучително професионални во остварувањето на единствената заедничка цел – да бидат гарант за безбедноста на секоја педа сојузничка територија, рече министерката Славјанка Петровска по посетата на армискиот вод кој е дел од силите на НАТО во Бугарија.
Посетата, како што соопшти Министерството за правда, е во рамки на активностите на зголемена будност на Алијансата, воведени на вонредниот Самит на НАТО во Брисел во март 2022 година, по руската агресија во Украина. Целта на мисијата е гаранција на безбедноста на целата територија на Алијансата.
Во базата во Ново Село, министерката Петровска им се заблагодари на македонските, но и на бугарските и сите припадници на сојузничките армии кои се дел од мултинационалната група на НАТО во Бугарија за нивниот придонес кон безбедноста на НАТО.
-Чест и задоволство ми е што денеска заедно со мојот колега дојдовме тука да ги посетиме војниците од оваа група, меѓутоа исто така да им обрнеме особено внимание на нашите, на македонските и на бугарските војници. Особено ме радува и информацијата од брифингот кој го имавме од командантот, од успесите кои се забележани, од начинот на којшто двете армии во состав на оваа мултинационална сила заедно функционираат, заедно работат и се разбира заедно ги бранат интересите на НАТО алијансата, рече министерката Петровска.
Министерката посочи дека сите политички одлуки кои беа донесени во рамките на Алијансата, во однос на безбедноста на НАТО алијансата, денеска војниците го спроведуваат тоа на дело.
-Уште повеќе ме радува што сите оние политички одлуки кои изминатиот период ги носевме во рамките на НАТО алијансата и како гаранција за мирот, безбедноста на секоја педа територија на земјите членки на Алијансата, војниците овде се подготвени тоа да го спроведат на дело. Секое едно вложување и инвестирање во нив значи инвестирање во нашата иднина и во нашата безбедност и затоа ја заслужуваат нашата поддршка, подвлече министерката.
Бугарскиот министер за одбрана, Тагарев посочи дека во Ново Село со министерката Петровска беа сведоци на реалната примена на концептот за зголемена будност на НАТО и изградбата на мултинационалните борбени групи кои се елементи на капацитетот за одвраќање и одбрана на источното крило на НАТО.
-Овде, придонесуваат со војници седум земји, водечка земја е Италија со многу сериозен капацитет, но секој придонес на наш сојузник кон заштитата на НАТО и нашата територија е ценет, вклучително и на воените лица од Северна Македонија. Јас сум многу благодарен што имам можност заедно со министерката Петровска да присуствуваме овде. Видовте воени лица од двете страни во еден строј, со знамињата, со почит еден кон друг, рече бугарскиот министер.
Министерот Тагарев посочи дека војниците од двата контингенти одржуваат дневни контакти со кои се гради соработката и капацитетот заедно да ја гарантираме сигурноста на сојузот, посочуваат од македонското Министерство за одбрана.
Македонскиот контингент во мултинационалните сили во Бугарија е во големина на еден вод. Во овие сили има над 1.000 припадници од сојузниците Северна Македонија, Бугарија, Албанија, Грција, Црна Гора, Турција и САД, под водство на Италија.