Жителите на општина Маврово и Ростуше синоќа повторно се пожалија на се поголемото присуство на мечки во тој реон. Кафеава мечка повторно се спуштила во Жировница, доаѓајќи до самите куќи во селото.
-Вечерва низ тесните улички на с. Жировница…Проблемите и опасностите секогаш изгледаат поедноставно кога се гледаат од безбедна далечина на ТВ, лаптоп или мобилен телефон, објави директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, споделувајќи видео од жителите како ја бркаат мечката.
Владата, на вчерашната седница, го разгледа и Записникот од седница на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот на управување со кризи, со којшто членовите на Владата се запознаени со состојбите за зголемено присуство на мечки во населените места на Општина Маврово и Ростуше.
Со утврдените превентивни мерки е предвидена и контрола на сите придружни објекти во коишто се чува храна, коишто може да бидат лесно достапни и коишто се во близина на местото на домување; затворање со соодветна безбедносна метална ограда на сите места за одлагање комунален отпад; обезбедување посебни хранилишта за мечки надвор од населени места; обезбедување на имотите, посебно на местата каде што се чува добиток, пчели и друго, со стандардизирана опрема со електричен напон; успивање и дислоцирање мечки, во соработка со државни органи и научни институции; употреба превентивни средства за заплашување и одвраќање, како и организирана употреба на средства за заплашување на мечките.
Советот на Општина Маврово и Ростуше веќе поднесе информација со барање за прогласување кризна состојба на цела територија на општината. Ова е побарано откако во последните шест месеци е евидентирано зголемено присуство на кафената мечка на територијата. Оттаму велат дека ги презеле сите активности и мерки кои се во своја надлежност, се со цел да ги заштитат своите граѓани. Евидентирано е присуство на 160 до 180 животни од овој вид.
Ангелов соопшти дека има секојдневни напади на пчеларници, но и секојдневни случаи на убивање на овци, кози и крави, кои локалното население ги чува во и околу селото.
Директорот на ЦУК напомена дека отстрелувањето на мечките е најнеблагодарната и најнеблагородната работа, кон која не се стремат, но порача дека животот на граѓаните е секогаш на прво место.