Заминува ли во историја иницијативата „Отворен Балкан“? Судејќи според претходните настапи на албанскиот премиер Еди Рама, проектот ги брои своите последни денови и покрај желбите на членките да се вклучат и Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово. Тој од Скопје на почетокот на јули порача дека не носи вест за смртта на иницијативата, но таа треба да се тргне малку настрана, со цел нов фокус на Берлинскиот процес. Сигналите дека „Отворен Балкан“ е пред крај, вчера ги истакна и министерот за надворешни работи, Бујар Османи кој порача дека нашата земја треба да го преиспита учеството во регионалната иницијатива доколку се докаже дека Србија на каков било начин била вмешана во инцидентот што се случи во Бањска, Косово, на крајот на септември.
Експертите од земјава се со различни ставови за успесите и причините за прекинување на регионалната иницијатива. Политикологот Иво Ранѓеловиќ во разговор за „Локално“ истакна дека примитивизмот е главен проблем.
-Она што со векови го попречува функционирањето на балканските земји, ја спречува и оваа иницијатава – примитивизмот. Кога една унија (ЕУ) е под иницијатива на Брисел, тогаш сите земји на Балканот може да се разберат и да просперираат, кога една иста таква иницијатива покренува балканска земја, тогаш ниту општествата не сакаат да поверуваат во истата, истакнува Ранѓеловиќ.
На прашањето кој од Србија или Косово е причината за ваквиот евентуален епилог, политикологот порачува дека двете земји имаат свои проблеми и недоразбирања уште пред да биде оваа иницијатива.
-Сепак, во политиката кога немате причина за неуспех, тогаш наметнувате и/или измислувате. Србија и Косово утре да си подадат рака, на иницијативата Отворен Балкан нема да ѝ се придружат сите земји од Балканот, смета соговорникот.
Според него, со крајот на проектот, најмногу би изгубиле граѓаните на земјите од Балканскиот полуостров, како и нашите општествени потенцијали.
-Најмногу добиваат центрите на моќ кои се против европската интеграција на Балканот, како и политичките елити чиј модус операнди е потпран врз корупција, подвлекува Ранѓеловиќ.
Универзитетскиот професор, Љубомир Цуцуловски, пак смета дека целиот проект е непознаница. Тој во разговор за „Локално“ прашува што е Отворен Балкан за да се дискутира на пошироко ниво.
-Ако на пример зборуваме за вештачка интелигенција, никој не може да дефинира што е тоа интелигенција, а зборуваме дали ќе не надмине и дали ќе го замени човекот. Прашај било кого што е интелигенција, не знае што да ти каже – па ниту самата наука не знае. Едни ја дефинираат вака, други поинаку – истото е и со Отворен Балкан, укажува Цуцуловски.
Како што вели, ако „Отворен Балкан“ е за подобра економска соработка, „кој е будала да биде против тоа“?
-Ама ние дали знаеме дека тоа ќе биде. Досега ако го промените името, влезот ви е отворен секако. Ако се вратиме назад на ФИРОМ, ќе бидете секаде. Така и ова. Прифатете Отворен Балкан, ќе бидете секаде, ќе имате подобра соработка. На секоја пуштена јадица, сега ние се насочуваме, истакнува професорот.
За тоа што би се случило и кој би бил виновен за крахот на иницијативата, Цуцуловски вели дека епилогот значи крај.
-Имало претстава, сега епилогот, завршува претставата и готово. Што е завршено во Косово, за да имаме епилог? Тоа е само еден момент од еден процес. Никој не може да каже до кога ќе трае. Ниту е решено со БиХ, ниту со Косово, а сега говориме за епилог? Од едната страна од Косово добиваме едни информации, од другата српската добивате други. Останува да носете заклучок на кого ќе верувате? Така не се гради наука на верување, затоа што овој ми е посимпатичен, а другиот не ми е, заклучува соговорникот.
Иницијативата „Отворен Балкан“, именувана како таква на 29 јуни 2021 година, беше нарекувана и „Мини Шенген“ на самиот почеток. Таа е посветена на обезбедување услови за практикување на четирите европски слободи за што е можно повеќе граѓани и компании на Балканот. Како што информираат од трите влади, проектот е засилувач на регионалната соработка и поврзаност кога станува збор за слободното движење на луѓе, капитал, стоки и услуги. Кон иницијативата „Отворен Балкан“ досега пристапија само три држави, а во Берлинскиот процес (востановен по иницијатива на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел во 2014 година) учествуваат сите шест земји од Западен Балкан. Сега во регионот, особено во земјите учеснички во Отворен Балкан, со интерес се анализира препораката на ЕП наведена во делот „Демократска и социјално-економска трансформација во земјите кандидати“.
Се оценува дека „Отворен Балкан“ не е спротивен на Берлинскиот процес, ниту на заложбите за инклузивност, туку бил oбид да се направи барем нешто во време кога процесот на проширување на ЕУ во регионот беше во драматичен застој. Практично, повикот до сите земји од Западен Балкан да се придружат кон Отворен Бална никогаш не запре. Рама претходно изјавуваше дека е важно иницијативата „Отворен Балкан“ да ги собере не само земјите од регионот, туку и другите земји, и дека таа иницијатива не треба да бара оправдување за своето постоење, бидејќи ќе ја разберат само оние кои имаат визија и сакаат добро за иднината.
Н.П.