Припадниците на групата Хамас убиле 700 Израелци и киднапирале уште десетици кога ги нападнаа израелските градови во саботата, што е најсмртоносниот упад на израелска територија во последните 50 години, објави во понеделникот „Ројтерс“.
Израел не објави официјален број на загинати, но неговите медиуми објавија дека најмалку 700 луѓе биле убиени во нападите во саботата, вклучително и деца. Воениот портпарол Даниел Хагари го нарече „најлошиот масакр на невини цивили во историјата на Израел“.
Како одговор, израелските воздушни напади во неделата погодија станбени блокови, тунели, џамија и домови на претставници на Хамас во Газа, при што загинаа повеќе од 400 луѓе, меѓу кои 20 деца, додека премиерот Бенјамин Нетанјаху вети „моќна одмазда“.
„Цената што ќе ја плати Појасот Газа ќе биде многу тешка и ќе ја промени реалноста за многу генерации“, рече министерот за одбрана Јоав Галант во градот Офаким, кој претрпе загуби и каде беа земени заложници.
Портпаролот на израелската војска, потполковник Џонатан Конрикус изјави дека земјата повикала околу 100.000 резервисти.
„Нашата работа е да обезбедиме на крајот на оваа војна, Хамас повеќе да нема никакви воени способности да им се заканува на израелските цивили, а ние исто така мора да се погрижиме Хамас да не владее со Појасот Газа“, рече тој.
Иран е сојузник на Хамас и иако му честиташе на Хамас за нападот, мисијата на Иран во Обединетите нации соопшти дека Техеран не бил вклучен во нападите.