На Блискиот исток повторно се активираше искрата која со децении е присутна и која се заканува да предизвика поголемо воено жариште. После случувањата на фронтот во Украина и ситуацијата во Нагорно-Карабах, милитантската организација Хамас во неделата наутро навлезе на израелска територија и започна со напади на цивили и воени објекти. Десетици борци на Хамас се инфилтрираа преку силно утврдената граница, а израелската војска по нападот гаѓа цели на Хамас во Газа. Израел прогласи воена состојба, а убиен е висок член на Хамас.
Минатиот век беше обележан со распаѓањето и содавањето нови држави, а некои истражувања на американските медиуми покажуваат дека и овој век може да биде сличен, односно незадоволство од новиот либерален светски поредок. Според, професорот и експерт за безбедносни прашања Александар Нацев ситуацијата на Блискиот исток со децении е нестабилна. Вели дека израелските сили овојпат не можеа да го спречат долгонајавуваното сценарио.
-Бидејќи целата јавност беше насочена кон Украина, можеби тоа и придонесе за активностите на палестинските организации. Сега гледаме дека ниту една во земја не е сигурна од терористички напади. Толкувањето дали е тероризам или само борба против окупацијата сепак остануваат за толкување, но факт е дека и држава како Израел со толку моќни разузнавачки служби и толку моќна армија успеа да падне под тој притисок. Директна поврзаност со нестабилностите во Украина и Нагорно Карабах мислам дека нема, истакнува Нацев за „Локално“.
Смета дека има некои пукнатини во односот меѓу САД и ЕУ, односно одредени несогласувања за одредени прашања.
-Исто така можат да се видат несогласувања и внатре во ЕУ меѓу некои земји-членки, но и различни земји кои се во НАТО. Дури и со блокадата на Шведска, гледаме дека се враќаме на старото правило дека единствениот интерес е сопствениот. Освојувањето на Израел е една од главните теми на сите исламистички терористички организации. Не верувам дека таму има само Палестинци, се борат и од други држави. Очигледно го начекаа моментот кога се појавија одредени слабости во релациите на земјите од Западот и одлучија да го искористат овој момент, оценува Нацев.
Соговорникот се согласува со размислувањето на рускиот претседател Владимир Путин дека ова можеби е новата реалност или како што шефот на руската држава ја нарече „ослободување од диктатурата“.
-Новиот либерален светски поредок кој последните години и децении се наметнува не функционира и со одредени случувања, не само во Европа.. Ние мислевме дека времето на конвенционални војни во Европа е завршено и дека нема да има борби со тенкови и пешадии, се случи Украина. Да не заборавиме дека има отворени конфликти во Јемен, Африка каде што има бран за ослободување од неоколонијалното економско ропство, како што го нарекуваат лидерите на тие пучови. Да не заборавиме дека и во Нагорно Карабах имавме сериозен проблем и ова е само продолжение. Имаме цела низа на нестабилности на различни жаришта во светот кои укажуваат дека во денешно време на глобализација, брза соработка, брз проток на информации, ова е баш таа нова реалност, истакнува професорот.
Околу споредбата со ситуацијата на Косово и дали може да биде новото воено жариште, Нацев е дециден дека таму работата веќе е речиси завршена и дека е постигнат некаков договор кој што уште јавно не е објавен, кој што бара начин како да и се продаде на јавноста.
-Можеме да очекуваме спорадични инциденти како во Бањска, но сепак мислам дека нема да имаат поголемо влијание глобалните случувања врз Косово. Таму има сериозна распореденост на сили, цела мисија на КФОР се базира на Косово, голем контигент на војници, ЕУ има силна делегација, Американската амбасада е многу влијателен фактор и не очекувам ескалација на насилства таму, вели професорот.
Палестинското Министерство за здравство во Појасот Газа, соопшти дека 493 Палестинци биле убиени, а 2.300 се ранети во малата, густо населена енклава. Израелската армија тврдеше дека убила стотици „палестински терористи“ на израелска територија. Во Израел, медиумите, повикувајќи се на спасувачките служби, синоќа објавија дека се убиени најмалку 700 луѓе, меѓу кои 73 војници.
Американскиот претседател Џо Бајден разговараше со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и ја изрази својата целосна поддршка, потврди израелскиот премиер. Нетанјаху претходно изјави дека разговарал со лидерите на Германија, Украина, Италија и Велика Британија. Сите изразија поддршка за правото на Израел да се брани, рече тој.
Претставник на египетското разузнавање вели дека Египет, земја која често дејствуваше како посредник меѓу Израел и Хамас, постојано разговарала за „нешто големо“ со Израелците.
Тој вели дека израелските власти биле фокусирани на Западниот Брег и ја игнорирале заканата од Газа. Патем, владата на Нетанјаху е составена од поддржувачи на еврејските доселеници од Западниот Брег кои бараа помош соочени со растечкиот бран на насилство таму во последните 18 месеци, пишува „The Times of Israel“.
Н.П.