Сведоштво за „Локално“ од Тел Авив: Израелската пешадија е во акција во Газа, се блокираат 12 точки од каде влегоа терористите
Палестинската милитантна група Хамас започна напад без преседан врз Израел, при што нејзините борци навлегоа во населбите во близина на Појасот Газа, убивајќи жители и земајќи заложници. Израелскиот премиер Нетанјаху официјално објави дека земјата е во војна, при што многумина Израелци и странски државјани почнаа да се кријат во засолништа и бункери.
Македонскиот државјанин Љупчо Тасевски, кој живее и работи во Тел Авив веќе четири години, во разговор за „Локално“ ја опишува моменталната ситуација во главниот град. Вели дека на улиците е пусто и се чувствува напнатост.
-Во моментов волонтерски во мојот ресторан каде работам како келнер, ја спремаме храната за загрозените. Нашата амбасада одлично функционира во моментов. Познавам лично околу 50 Македонци овде, истакнува Тасевски, нагласувајќи дека голем дел од нашите државјани кои се затекнати се пријавиле за заминување и евакуација, но не и тој.
Тасевски ни достави и неколку фотографии од тоа како изгледаат улиците на Тел Авив во моментов.
Околу тоа што се случува и каков е планот на израелските власти, соговорникот информира дека израелската пешадија е во акција во појсаот Газа.
-Се блокираат 12 точки каде што влегоа терористите. Од нив сеуште има внатре голем број, но 80% е исчистено, посочува македонскиот државјанин.
Како што вели, проблемот се околу 150 киднапирани Израелци од страна на Хамас и милитантските групи.
-И тука има притисок од јавноста. Едни се за тотално уништување на непријателот, други бараат преговори. Голема е напнатоста и половина израелците се бесни. Ќе биде жестоко, информира Тасевски.
Израел подготви рекордни 300.000 резервисти како одговор на повеќекратните напади од Газа и „опаѓа во офанзива“, изјави во понеделникот висок воен портпарол. Од ненадејниот напад во саботата, израелски авиони гаѓаат цели во Газа додека копнените сили се борат да ја вратат контролата врз пограничните села и градови заземени од палестински вооружени лица. Главниот воен портпарол контраадмирал Даниел Хагари рече дека контролата врз тие заедници била повторно воспоставена, но дека изолираните судири продолжиле бидејќи некои вооружени лица останале активни.
Веќе се вратија дома деветмината туристи од Велес кои се затекнаа во Тел Авив.Од Министерството за надворешни работи информираат дека во наредните денови ќе има повеќе специјални летови за главниот израелски град, во координација со министерствата на земјите од регионот да им помогнат на сите граѓани кои сакаат да се вратат во своите земји. Во Израел, според сознанијата на МНР има меѓу 100 и 200 македонски државјани. Дел од нив веќе побарале помош за евакуација.
Н.П.