Димитриевски: Нашата борба за влез во европското семејство, мора да биде достоинствена на начин како што му доликува на секој горд народ

од Nikola Popovski
187 прегледи

Денеска достоинствено одбележуваме 82 години од историското народно востание и денеска гордо се сеќаваме на борците- учесници во вооруженото антифашистичко народноослободително востание, кои извојуваа слобода за сите нас. Денеска се поклонуваме пред нивната решителност, храброст и пожртвуваност за слобода и создавање на самостојна, суверена и независна држава, рекол градоначалникот на Куманово и лидер на новата партија ЗНАМ, Максим Димитриевски во своето обраќање по повод празникот 11 Октомври од Спомен костурница во Куманово

Истакнал дека мора похрабро да исчекориме кон брзи и ефикасни методи, со цел да овозможиме подобар стандард за нашите граѓани. Димитриевски побарал Македонија со висок степен на национална свест, зачувување на македонскиот идентитет, јазик, култура и историја, како и држава во која правдата ќе е еднаква за сите.

-Македонија самооддржлива држава, особено во делот на енергетиката и производството на храна. Македонија со високо изразена слобода и еднаквост за сите нејзини граѓани.Македонија со меѓуетничка толеранција и соживот, Македонија држава, која гради мултиетничко општество, а не биетничко.

За ова е потребен, почитувани мои, општ консензус на сите политички чинители, но пред се обединување на македонските граѓани и взаемно почитување на сите заедници. Нашата борба и залагања за европските вредности и за влез во европското семејство, мора да бидат достоинствени и издржливи, на начин како што му доликува на секој горд народ, кој има своја историја, традиција и обичаи. Со должна почит, од ова место сакам да Ве повикам со заеднички и сплотени сили неуморно да работиме на развојот на нашата држава, носејќи важни и неопходни одлуки, кои ќе ни донесат стабилност и сигурност и влез во  Европската Унија, рекол меѓу другото, Димитриевски.

Слични содржини