ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје денеска соопшти дека во 235 колективни станбени објекти сè уште не се обезбедени потребните услови, односно имаат дефекти во внатрешна инсталација, оневозможен е пристап на екипите на компанијата до топлинските станици или немаат електрична енергија во топлинските станици.
Упатија апел до потрошувачите, заедниците на сопственици и управителите да ги обезбедат потребните услови за непречена испорака на топлинска енергија во објектите.
-Ги повикуваме потрошувачите, пред да пријават дефект или рекламација во Центарот за грижа на потрошувачи, да проверат дали нивниот објект се наоѓа во прегледот на моментално затворени објекти кај кои нема услови за испорака на топлинска енергија на линкот Затворени објекти – ЕСМ Снабдување (esm-snabduvanje.mk). Соработката од страна на потрошувачите и заедниците на сопственици е во интерес на сите страни за да се обезбеди навременa и квалитетна испорака на топлинската енергија, соопшти ЕСМ Снабдување со топлина.
Грејната сезона во Скопје за сите приклучени на мрежата за централно греење ќе започне од 15-ти октомври со исти услови како и претходно, односно со загарантирана температура од 21 степен Целзиусов и греење во периодот од 06:00 до 22:00 часот.
Во Скопје околу 60 илјади домаќинства се приклучени на мрежата за централно греење што ја покриваат топланите Исток и Запад. Дополнително уште околу 500 домаќинства во Чаир и Топанско поле се приклучени на мрежата која ја покрива топланата Скопје север.