Министерот за надворешни работи, Бујар Османи утрово ги даде последните информации со нашите државјани кои биле или моментално се наоѓаат во Израел и околу загрозеното подрачје во Газа. Како што рече, во и околу појасот имало дваесетина наши државјани кои биле заглавени.
-Нашиот фокус беше да ги донесеме на аеродромот во Тел Авив, оттаму да ги извлечеме. Од нив, ноќеска петмина стигнаа во Атина, нашата амбасада им обезбеди места во комуникација со грчките власти. Ги пречека нашата амбасада во Атина, а оттаму преку Солун стигнаа во земјава. Утринава уште 17 пристигнаа во Атина и во моментов доаѓааат накај Солун, од каде ги чекаме на нашата граница, кажа Османи на брифинг со новинарите.
Тој информира дека во моментов има само еден брачен пар кои се заглавени во појасот Газа.
-Знаете дека територијата е изолирана од Израел. Единствен излез беше преминот преку Египет, но во моментот кога стигнале таму, граничниот премин се затворил и тие сега се заглавени. Нашата амбасада во Каиро е во постојана комуникација со брачниот пар. Тие се во некаков ризик, но моментално се безбедни, кажа Османи.
Шефот на македонската дипломатија појасни дека во моментов немаат конкретни информации како ќе биде евакуиран брачниот пар.