Утре од Израел се очекува да се вратат уште 90 македонски државјани

од Nikola Popovski
176 прегледи

Од наведените 100 до 200 наши државјани кои во моментов се во Израел и околу појасот Газа, Министерството за надворешни работи досега идентификувало и контактирало 150 граѓани. Како што рече денеска министерот Бујар Османи, 60 веќе стигнале назад во земјава, а останатите 90 очекува утре, во текот на денот да бидат вратени.

Според Османи, првично фокусот бил да се идентификуваат, контактираат и извлечат од загрозените подрачја нашите граѓани, и потоа да се пренесат до Тел Авив, каде и имало функционален аеродром. Османи, исто така, посочи дека дел од вратените граѓани се преку Јордан, Албанија, Турција, Црна Гора и Србија.

Министерот информира и дека во моментов има само еден брачен пар кои се заглавени во појасот Газа.

-Амбасадата во Каиро нема конкретен одговор од властите на Египет дали ќе ја отворат границата. Единствениот излез на двајцата им е Египет. Не се сами, многу луѓе кои се заглавени во Газа, чекаат да излезат преку границата со Египет, изјави Османи на денешниот брифинг со медиумите.

Османи им се заблагодари на нашиот амбасадор, на други наши дипломати, на амбасадите на Албанија, Црна Гора, Грција и други и особено на премиерот Димитар Ковачевски.

Слични содржини