Барем Европа повеќе не мора да ја трпи шегата на Хенри Кисинџер за тоа на кому треба да се јавите ако сакате да и се „јавите на Европа“, бидејќи и онака никој не се јавува.
Од безбројните геостратешки илузии кои се уништени во последните денови, најотрезнувачко сознание за секој што живее на континентот треба да биде ова: никому не му е грижа што мисли Европа, пишува порталот „Политико“.
Во серија глобални жаришта, од Нагорно-Карабах, преку Косово, до Израел, Европа е префрлена во улога на добронамерна невладина организација, чии хуманитарни придонеси се добредојдени, но инаку се игнорира.
27-члениот блок отсекогаш се бореше да артикулира кохерентна надворешна политика, со оглед на неговите различни национални интереси, но остана важен и покрај тоа, најмногу поради големината на пазарот. Сепак, глобалното влијание на ЕУ се намалува поради падот на нејзината економија и неможноста да ја проектира својата воена моќ во време на растечка глобална нестабилност.
Наместо „геополитичката моќ“, која претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, ја вети кога ја презеде функцијата во 2019 година, ЕУ се претвори во паневропска ситна риба, а со тоа ги збуни вистинските играчи на масата и главно само се срами поради какафонијата на противречности, според „Политико“.
Ако тоа звучи грубо, размислете за изминатите неколку дена: по масакрот на Хамас на стотици израелски цивили изминатиот викенд, европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји во понеделникот објави дека ЕУ веднаш ќе ја суспендира помошта од 691 милион евра за палестинските власти, само за неколку часа подоцна Комесарот Јанез Ленарчич да му противречи на својот унгарски колега, инсистирајќи дека помошта „ќе продолжи се додека е потребно“.
Се продолжи со изјавата на Европската комисија дека ЕУ ќе изврши „итна ревизија“ на некои програми за помош, за да се осигура дека средствата не се насочени кон тероризам, што значи дека досега не се воспоставени такви мерки за заштита.
Што се однесува до високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, исходот од секој преглед на помошта за Палестинците ќе се сведе на заклучокот: „Ќе мораме да поддржиме повеќе, а не помалку“.
Конфузни реакции од ЕУ за настаните на терен
Не помалку збунувачки беше одговорот на Европската унија на настаните на теренот во Израел. И покрај тоа што Израел сè уште ги броеше жртвите на најголемиот масакр во историјата на земјата, Борел, долгогодишен критичар на Израел кој таму беше прогласен за персона нон грата, посегна до двете страни.
Тој го осуди „варварскиот терористички напад“ на Хамас, но го критикуваше Израел за блокадата на Газа и ги истакна страдањата на Палестинците. Неговата изјава беше во целосна спротивност со онаа на Фон дер Лејен, која недвосмислено ги осуди нападите и нареди да се проектира израелско знаме на фасадата на нејзината канцеларија.
До средината на неделата утврдувањето на европската позиција за кризата беше како играње пикадо, но со врзани очи, пишува Политико.
Друг еклатантен пример за европска геополитичка импотенција е Нагорно-Карабах, спорниот, мнозински ерменски регион во Азербејџан. Поголемиот дел од светот го заборави долготрајниот конфликт таму, но не и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој започна амбициозни дипломатски напори на почетокот на оваа година во услови на обновени тензии.
Во јули Мишел беше домаќин на лидерите на Ерменија и Азербејџан во Брисел, што беше шеста ваква средба. Тој ги опиша разговорите како „искрени, фер и значајни“, па дури ги покани лидерите на самит во Гранада во октомври.
Азербејџан во меѓувреме го зазеде Нагорно Карабах, испраќајќи повеќе од 100.000 бегалци во Ерменија. Европа, на која и треба гас од Азербејџан, беше немоќна да направи ништо освен да гледа што се случува.
Епилогот беше дека на почетокот на октомври Мишел ја обвини Русија, традиционалниот заштитник на Ерменија во регионот, за фијаското: „На сите им е јасно дека Русија го предаде ерменскиот народ“, рече Мишел.
ЕУ немаше среќа ниту на Косово
Сличен модел беше забележан и во Косово, каде што Европејците со години се обидуваа да посредуваат во мировните преговори. Главна точка на спор е статусот на северниот дел на Косово, кој граничи со Србија, каде Србите се мнозинство.
Борел назначи специјален претставник за дијалог меѓу Белград и Приштина и други регионални прашања од Западен Балкан, но Мирослав Лајчак немаше многу среќа. Иако Лајчак ја освои таа титула пред повеќе од три години, двете страни денес се подалечни од кога било досега.
ЕУ потроши безброј милиони обидувајќи се да го стабилизира регионот, финансирајќи граѓански организации, училишта, па дури и полиција, но кога тензиите се заканија да прераснат во сеопфатна борба по упадот на српските паравоени сили во северно Косово, ЕУ беше принудена да прибегне кон нејзиниот испробан механизам за решавање на кризи – го повикала чичко Сем.
„Не критикуваат за премалку лидерство во Европа, а потоа и за премногу“, рече американскиот дипломат Ричард Холбрук во 1998 година, откако Вашингтон ги вовлече своите неволни европски сојузници во обид да ја запре кампањата на „етничко чистење“ што ја започна Слободан Милошевиќ на Косово.
Факт е дека Европејците во догледна иднина нема да имаат заедничка безбедносна политика. Дадовме се од себе за да останеме вклучени, но можете ли да замислите колку далеку ќе одев со Милошевиќ ако му реков: Извинете, господине претседателе, ќе се вратам за 24 часа откако ќе разговарам со Европејците, додаде Холбрук. .
Не треба да се бара подалеку од Украина за доказ дека неговото тврдење важи исто толку добро и денес. Иако ЕУ направи се што може, обезбедувајќи десетици милијарди евра финансиска, хуманитарна и воена помош, тоа не е ни приближно доволно за да и помогне на Украина да ги држи Русите подалеку. Да не беше американската поддршка, руските трупи ќе беа стационирани по целото источно крило на ЕУ – од Балтикот до Црното Море.
Украина го истакнува јазот помеѓу геостратешките аспирации на Европа и реалноста
Ситуацијата во Украина го истакнува јазот меѓу европските геостратешки аспирации и реалноста. Иако Европа не очекуваше руска инвазија, таа со години зборуваше за потребата од подобрување на своите одбранбени способности.
Како Европејци мораме самите да се бориме за нашата иднина и нашата судбина, изјави тогашната германска канцеларка Ангела Меркел во 2017 година, а потоа ништо не се случи.
Реалноста е дека секогаш ќе биде полесно да се потпреме на Вашингтон отколку да се постигне европски консензус за надворешната политика и воените способности. Затоа дискусиите за европска безбедност повеќе звучат како „Фантази фудбал“ отколку како ризик, пишува „Политико“.
И покрај целата реторика за потребата Европа да игра поглобална улога, се чини дека ни лидерите на најголемите членки на ЕУ, Франција и Германија, не размислуваат толку сериозно.
Додека Бајден седеше во Собата за ситуации во Белата куќа за да разговара за кризата во Израел, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц беа зафатени со состаноци во Хамбург. Откако се согласија да ги удвојат нивните напори за намалување на бирократијата во ЕУ, тие тргнаа на крстарење при пристаништето.
Успешните зделки ги прославија на локалното пристаниште со пиво и сендвич со риба. Дури и сонцето се појави, но што е најважно, ничиј телефон не заѕвони.