Генералниот секретар на Северноатлантската алијанса (НАТО), Јенс Столтенберг, најави дека алијансата следната недела ќе одржи голема нуклеарна вежба, откако Русија предупреди дека ќе се повлече од глобалниот договор за забрана за нуклеарни проби, пренесува агенцијата Бета, повикувајќи се на АП.
Столтенберг изјави дека вежбите ќе обезбедат „кредибилитет, ефикасност и безбедност на нашиот нуклеарен арсенал и ќе испратат јасна порака дека НАТО ќе ги заштити сите свои сојузници“.
Тој додаде дека руската инвазија на Украина е потсетник на важната улога што нуклеарното оружје на НАТО ја игра во одвраќањето на потенцијалната агресија.
Повлекување на Москва од договорот
Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков во вторникот изјави дека Москва ќе се повлече од Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарните тестови за да се изедначи со САД, но дека ќе продолжи со нуклеарните тестови само ако тоа прво го стори Вашингтон.
Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарни тестови, усвоен во 1996 година и никогаш целосно не стапил во сила, ги забранува сите нуклеарни тестови насекаде во светот. Тој беше потпишан и од рускиот и од американскиот претседател, но САД никогаш не го ратификуваа.
Рјабков им рече на новинарите дека Русија ќе ја повлече својата ратификација бидејќи САД не го сторија тоа. Тој предупреди дека во случај на американска нуклеарна проба „ќе бидеме принудени да го сториме истото“.