Земјите од Комонвелтот на независни држави се соочуваат со тешки времиња поради геополитичката ситуација, изјави белорускиот претседател Александар Лукашенко.
Тој истакна дека Минск и Москва многу сериозно ја сфатиле ситуацијата во која се наоѓаат.
-Од една страна, јасно е, постои голем брат (Русија) кој се обидува да ни помогне. Се разбира, и таа има свои интереси. Од друга страна се Американците, Западот. Не заборавајте дека нашата среќа е тука (во ЗНД). Токму на оваа маса има шефови на држави кои можат да го израдуваат нашиот народ, ако решиме некои прашања кои долго време не успеавме, нагласи Лукашенко на самитот на ЗНД во Бишкек.
Белорускиот лидер на Самитот истакнал и дека е неопходно по секоја цена да се зачуваат уникатните формати на единство во областа на ЗНД.
Тој рече дека не смее да се дозволи внатрешен раздор и попуштање пред идеолозите и поддржувачите на притисоци од санкции. Исто така, категорично е недозволиво да се подлегнува на провокации насочени кон поттикнување меѓунационални и територијални спорови на постсоветскиот простор.
Во Бишкек денеска се одржува Самит на лидерите на Комонвелтот на независни држави. Лидерите прво се сретнаа во тесен формат, а потоа средбата продолжи во проширен формат со учество на делегации.