Од утре топли радијатори од 6 до 22 часот, цената останува иста

од Nikola Popovski
348 прегледи

Од утре, 15-ти октомври, започнува грејната сезона 2023/2024 за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во градот Скопје со кој управува ЕСМ, информираат од компанијата.

Во тек на грејната сезона, испораката на топлинска енергија ќе се врши од 6-22 часот по строго утврдени правила и дијаграми.  Според овие правила, на почетокот од грејната сезона во месеците октомври и првата половина на ноември кога надворешните временски услови се променливи, снабдувањето со топлинска енергија на потрошувачите зависи од надворешните температури и од атмосферските услови во различни периоди од денот. При одредени атмосферски услови во периодите на високи надворешни дневни температури, се прекинува испораката на топлинска енергија.

-Повторно апелираме до потрошувачите и “Управителите” односно “Заедниците на сопственици” да ги отстранат дефектите на внатрешната грејна инсталација во најкус можен рок и истото веднаш да го пријават во Центарот за грижа за потрошувачи, да овозможат непречен пристап на екипите на компанијата до топлинската станица, како и да обезбедат постојано напојување на топлинската станица со електрична енергија (платени сметки за електрична енергија за топлинската станица и функционална електрична инсталација), истакнуваат од ЕСМ.

Цената за потрошената топлинска енергија засега останува иста. Нова одлука за цената ќе се носи откако ќе биде поставен цевководот на мостот Беласица.

ЕСМ соопштува дека активно работат на решение за проблемот со цевководот кај мостот Беласица, кој е од суштинска важност за парното греење во Скопје. Бидејќи мостот е под надлежност на Град Скопје, од АД ЕСМ велат дека се во постојана комуникација со нив, каде се бара заедничко решение за санирање на овој проблем.

Оттаму уверуваат дека цевководот ќе биде целосно функционален и согласно законската обврска на 15 октомври, ќе се обезбеди непрекинато парно греење за граѓаните на Скопје.

Како што информира претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, без оглед на температурите надвор, грејната сезона започнува на 15 октомври и снабдувачот е должен во грејните простории во времето од 6:00 до 22:00 часот во текот на денот да обезбеди температура на греење од 20+1 степени Целзиусови.

Грејната сезона ќе трае до 15-ти април.

Слични содржини