Mлади жени и девојки од Пробиштип, Кочани, Виница и Чешиново-Облешево викендов учествиваат на првиот од вкупно четирите едукативни работилници на прогарама „Girls power“, која ја спроведува „Асоцијацијата за инклузивен и одржлив развој“ – СИГА. Сите учеснички по завршување на обуките ќе добијат финансиски средства кои ќе треба да ги искористат за спроведување на општествена акција која тие самите ја идентификувале како потреба на локално ниво.
Мила Царовска, директорка на СИГА на работилницата истакна дека академијата “Girls Power” е извор на инспирација за младите девојки од Истокот на државата.
„Ги воведуваме девојките во светот на знаењето, самоувереноста и искуствата. Нашата мисија е да ги поддржиме и вмрежиме нашите девојки да станат силни, иновативни и уверени во своите способности.
Преку програма за образование, менторство и инспирација, „Girls Power“ се обезбедува поддржувачка околина во која секоја девојка може да расте и да се развива. Ние сме убедени во силата на соработката и ќе работиме напорно за да обезбедиме можности секоја од учесничките да ги следат своите желби и амбиции.
Тие се сонувачки, иноваторки и лидерки. Ние од СИГА и „Girls Power“ веруваме дека девојките се моќни и имаат неограничени можности. Нашите девојки ќе изградат поинаква и посилна иднина за Северна Македонија. Заедно сме непобедливи!“, рече Царовска.
Сара Миленковска, која е обучувач на првата работилница рече дека женското лидерство е важно за да се променат состојбите во општеството преку заеднички и солидарен пристап.
„Им порачувам на младите лидерки да бидат одлучни, храбри и да пркосат на предизвиците“, им рече Миленковска на учесничките.
Владо Караев обучувач во првиот модул објасни дека со излегување од комфорна зона секој може да ги постигне своите потенцијали и животни соништа.
„Треба да се биде храбар, одлучен, креативен и одлучен за да се постигнат целите и личен раст и развој“, рече Караев.
Активностите за јакнење на лидерските вештини кај жените се дел од проектот на СИГА, „Girls’ Leadership Initiative for Community Empowerment“ и се поддржани од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), како дел од регионалниот проект ,,Социјално вклучување на ранливите групи на Западен Балкан”.