Албанија е домаќин на Самитот на „Берлинскиот процес“, на кој учествуваат претставници на балканската шесторка и претставници на Европската унија, меѓу кои и германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон. Целта на оваа иницијатива, започната во 2014 година, е да се подобри регионалната соработка и европската интеграција на регионот, а бидејќи Белград, Тирана и Скопје го започнаа „Отворен Балкан“ во 2019 година, не престануваат полемиките за тоа дали овие две иницијативи се конкурентни, која ќе ја надмине другата, дали едната ќе ја задржа другата или на крајот ќе се интегрираат и двете.
Изјавата на албанскиот премиер Еди Рама од почетокот на јули дека „Отворен Балкан“ ја „исполни својата мисија“ и дека фокусот треба да биде ставен на берлинскиот процес, само им даде ветар на оние кои од самиот почеток не гледаа позитивно на неа и кои во зборовите на Рама, видоа почеток на крајот на оваа иницијатива. Според оценката на соговорниците на „Локално“ за оваа тема, двете иницијативи не се исклучуваат меѓусебно и секоја од нив има свои предности и недостатоци.
Политичкиот аналитичар Даут Даути смета дека имаше доста конфузија што преставува едната, а што другата иницијатива. Реално гледано, вели тој, Берлинскиот процес ги постави принципите, а Отворен Балкан се обиде да ги „операционализира“ тие во практика, меѓутоа заглави во дневно-политичките сомнежи од земјите не-иницијатори, како Црна Гора и Косово, БиХ, што ги „омекна“ придобивките.
-ОБ на тој начин остана дело „во обид“ на тројцата иницијатори, Рама, Вучиќ и Заев, особено со белег на првите двајца, што практично во земјите од регионот, особено во Косово и дел од јавноста во Албанија, се сфати како нешто сомнително, и на крај, придонесе да остане на половина пат. Ако секоја регионална иницијатива се држи до принципите за еднаквост на земјите како во шансите, така во придобивките, тогаш тие треба да се подржат. Дали ОБ „застрани“ од принципите на Берлинскиот процес, тешко е да се каже, ама ако оваа магла не се отстрани целосно, тогаш покорисно е она што го најави Рама за враќање кон Берликскиот процес, објаснува Даути.
Според него, самиот факт што денешниот Самит е во Тирана е едно конкретно прашање, што значи дека регулирањето на иницијативата е во полза на сите, и на Македонија.
За неприсуството на српскиот претседател Александар Вучиќ во Тирана, соговорникот објаснува дека само можеме да претпоставиме дали неговата „ескиважа“ е поради психолошки или политички причини.
-Моја претпоставка е дека по настаните во Бањска во Косово, каде се разоткри и протера на срамен начин вооружената група, при што сомнежите паднаа врз самата српска држава, па така мислам дека Вучиќ проценил дека не треба да се појавува на ваков собир, каде што би го ставиле на „клинч“ да одговори на незгодни прашања кои тој сака да ги одбегнува. Од друга страна, со самите сомнежи кон инволвираноста на српската држава и самиот негов авторитет во организирање на вооружената група на чие чело стои втор човек на Српската листа, истурената „подружница“ на Вучиќ на Косово, ја намали и меѓународната поддршка и ја доведе во прашање „конструктивноста“ на Вучиќ во дијалогот со Косово, а со тоа, и ги ослабна неговите позиции во очите на САД и ЕУ.
Трето би било „предавството“ на неговиот „пријател“(како што се третира во дел од албанската и косовската јавност) Рама, кој пред извесно време речиси го прогласи за мртов Отворен Балкан, нешто што го изненади и самиот Вучиќ. Ако му се руши делото, што да бара во Тирана. Но и самото место на собирот, Тирана, не е најсоодветната посакувана дестинација во моментот после се што се случи во Косово, тврди Даути.
Ако Отворен Балкан се заснова на принципите на Берлинскиот процес, додава аналитичарот, тој само се модифицира, и Рама практично најави враќање кон извориштето.
-Можеби и косовските настани одиграа улога во „освестувањето“ на Рама дека оваа регионална иницијатива не може да се турка понатаму ако таа се поврзува со авторството, или „кумството“ на Вучиќ, особено не во Косово и Албанија, каде што се повеќе јакне мислењето дека ОБ е регионална иницијатива за воспоставување на српска хегемонија. Без разлика дали има вистина во тоа, гледаме дека и покрај сите промени, не проаѓа ни во Црна Гора, така што, најреално е она што го согледал и Рама, ОБ да се „ребрендира“, за да нема сомнежи. Изгледа дека нашите политизирани општества по многу линии, кога секој на секого се сомнева, сепак им веруваат и на оние регионални иницијативи кои имаат меѓународно авторство, укажува Даути.
Во својата анализа, додава дека никој не е против ОБ ако тој се базира врз принципите на Берлиснкиот процес, „ама Косово и опозиицијата во Албанија, не му веруваат на Вучиќ, за кого сметаат дека ќе ги поплави земјите со српски производи, нешто што другите земји, особено не Косово и Албанија, да го сторат со своите производи во срспкиот пазар“.
-Вистината е дека и без ОБ нашите пазари се поплавени со српски производи! Ато тука се надоврзуваат историските фрустрации и непризнавањето на Косово, тоа е добар аргумент да не му се верува на Вучиќ. Го спомнуваме него, бидејќи во оваа регионална иницијатива, освен Македонија, секоја од земјите има некаква засегнатост или зависност од Србија на политички, културолошки или економски план. Од друга страна, да бидеме искрени, Србија не се противеше на приклучувањето на „непризнаеното“ Косово кон ОБ, па сепак владата на Курти не сакаше да слуша, иако на иста маса би седнале како рамноправен со Вучиќ, како претставник на држава. Ако ги слушате претставниците на бизнис заедницата, ќе ви речат нешто спротивно од политичарите и исполитизираните медиуми и интелектуални елити, но тоа се односите меѓу земјите, обременети со историските настани и сомнежите. Затоа, на Отворен Балкан му немаше спас.
Поранешниот македонски амбасадор во Турција, Горан Тасковски смета дека „не треба да се лажеме самите себе и да се убедуваме дека организирани иницијативи за доближување на регионот до некакви стандарди и некакво ниво кое би било прифатливо за европските структури за добивање на лажен надеж дека можеме да бидеме некаде членови“.
Како што истакнува, сето тоа е базирано врз виртуелни постигнувања кои се прават површински за задоволување на бирократските канцеларии во Брисел од една страна, и покажувањето на самиот Брисел од друга страна дека нешто работи, отворено, јавно и транспаретно.
-Мора да се разбудиме и сами да си удреме неколку шамари како Македонија и македонски народ, ако нашата цел е да ги задоволиме желбите и целите на други политички и европски структури за да бидеме на власт во Македонија, од таквото однесување сите гледаме до каде сме стигнати како држава после 30тина години – денес ќе влезете во ЕУ, утре ќе влезете во ЕУ, само што не влеговте во ЕУ и последно до 2030 ќе влезете во ЕУ. Се е џабе и Отворен Балкан и Берлински Процес се додека во Македонија не дојде структура која ќе ја реорганизира и преструктуира Македонија и македонското општество за да биде подобро за сите нас кои живееме во Македонија. Се додека изјавите на европските и атлантските политичари и дипломати се декларативни и лицемерни, во Македонија и на Балканот ќе владее криминалот, корупцијата, непочитувањето на законите, не почитување на уставот, не почитувањето на волјата на народот, состојби кои се донесени и поддржани од самите нив, порачува Тасковски.
Истакнува дека кога балканските држави ќе се почитуваат едни со други и нема да има стратегии за елеминирање и негативни игри за еднострано или меѓусебно уништување, нема да помогне ни Отворен Балкан ниту Берлински Процес.
-Може да се оддржат уште безброј состаноци во Скопје, Белград, Сарајево, повторно Тирана и така во круг, но вистинското прашање е каде сето тоа води, мора да се тргне една црта за да се бележи се што досега се постигнало од 2014 па до денес, вклучувајќи го и процесот на Отворен Балкан, прашањето е дали европските и атлантските структури имаат вистинска желба овие иницијативи да успеат.
Од овие иницијативи и процеси, кои за мене се виртуелни и мамки, Македонија има добиено сиромаштија, криминал и корупција, обид за етничка поделба, воведување на измислени договори, закони и други експерименти кои се непознати за меѓународното право, со невероватно кршење на македонскиот устав и закони, за кои 30 години слушаме од надвор дека мора да се почитуваат и поддршката од страна на меѓународната заедница за неспособни полтрони и аминџии како водачи на власта и опозицијата, за кои нема никаква разлика во овој момент, дециден е дипломатот.
Порачува дека светот се менува и конечно се појавува на површина отпорот на светските народи од најблаго кажано неадекватно раководење со државите и светот.
-Светските лидери, европските лидери, балканските лидери мора да прекинат со сите активности, стратегии и иницијативи да се замислат и да размислат зошто се се распаѓа, зошто ништо не функционира, зошто целиот свет гори и како се дозволи со светот да владеат непринципиелни и деструктивни политики и личности.
Денес Вучиќ се откажа и замина на друг состанок, со друга структура, со други личности кои се многу далеку од Балканот, од дома, утре ќе биде некој друг со истата постапка, и за овие појави сите се чудиме зошто е така, верувајте не е ништо чудно и сите знаат зошто е тоа така, и дека тоа е очекувано. Се додека дозволуваме Балканот да го раководат структури кои не се од Балканот, се додека ги извршуваме наредбите од други центри, а не домашните, се додека моќта, влијанието, поврзаноста и личните интереси ни се побитни од државните, ниту Отворен Балкан, ниту Берлински Процес, ниту било која друга иницијатива со друго име ќе успее, објаснува Тасковски.
Соговорникот додава дека истовремено евроатлантските политичари и дипломати треба да не се лажат себе си, а најмалку балканските народи и држави кои имаат свои политики за напредок на Балканот.
-Суверенизмот носи почитување на сите народи и држави во нивните одлуки и погледи кон самите себе и сопствените држави, доколку има такво почитување, ќе успее и Отворен Балкан, Берлински Процес и се друго што ќе произлезе во иднина како стратегија за културен, економски, меѓусебен развој и напредок, образложува Тасковски.
Н.П.