Израелската војска соопшти дека палестинската исламистичка организација Хамас заробила 199 лица за време на нападот на 7 октомври.
Меѓу заробените има Израелци, странци и лица со двојно државјанство, вклучувајќи војници и цивили, жени, деца и постари лица, според агенцијата „Франс прес“.
Во претходното соопштение беше наведено дека има 126 заложници.
„Ги известивме семејствата на 199-те заложници“, изјави на прес-конференција портпаролот на израелската армија Даниел Хагари.
Хагари рече и дека армијата има информации каде Хамас ги држи во Појасот Газа.
„Правиме напори да откриеме каде се заложниците во Газа и имаме такви информации“, рече портпаролот и најави дека нема да биде извршен напад што ќе ги загрози тие „наши луѓе“.
Доказите за киднапирањето вклучуваат видеа објавени од Хамас и разузнавачки служби, како што е следење на телефони.
Хамас, кој се закани дека ќе погуби заложници во случај на ненајавен напад врз цивили, тврди дека 22 заложници биле убиени во израелско бомбардирање.
Израел потврди дека пронашол останки на некои заложници во Појасот Газа за време на упадот на палестинската територија.
Според американската администрација, на терен е и преговарач на ФБИ. Елитната единица на израелската армија Сајерет Маткал се смета за најспособна да интервенира во спасувањето на заложниците.
Египет и Катар се обидуваат да посредуваат во ослободувањето, а турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган тврдеше дека разговара со Хамас, како и со Меѓународниот комитет на Црвениот крст.