Израел го бомбардираше југот на Газа: Загинаа десетици Палестинци

од Stefanija Kuzmanovska
733 прегледи

Израелската војска денеска го бомбардираше јужниот дел на Појасот Газа, при што загинаа десетици луѓе, иако на Палестинците претходно им беше кажано да се евакуираат таму од северот пред копнената офанзива.

Во меѓувреме, посредниците се обидуваат да постигнат договор за испорака на помош за цивилите на таа густо населена територија, која е под опсада и напад на Израел од почетокот на нападот на Хамас.

Разгорувањето на насилството долж границата на Израел со Либан, исто така, предизвика загриженост дека конфликтот ќе се прошири во регионот, што дипломатите се обидуваат да го спречат.

Високиот функционер на Хамас и поранешен министер за здравство Басем Наим изјави дека 27 лица биле убиени во Рафах и 30 во Кан Јунис.

Во воздушен напад на Деир ал Балах, една куќа беше срамнета со земја, а девет членови од семејството кое живеело таму биле убиени. Тројца членови на друго семејство кое се евакуирало од градот Газа биле убиени во соседната куќа.

Еден маж и 11 жени и деца се меѓу убиените. Очевидци изјавија дека пред нападот немало предупредување за евакуација на жителите.

Израел објави опсада на Газа и ја бомбардира територијата по нападот на екстремистите врз јужен Израел пред 11 дена во кој загинаа повеќе од 1.400 луѓе, главно цивили, а околу 200 беа заробени и однесени во Газа.

Најмалку 2.778 луѓе загинаа, а 9.700 се ранети во израелските напади врз Газа, соопшти министерството за здравство.

Речиси две третини од убиените се деца.

Израелското бомбардирање не го спречи ракетирањето на Хамас врз Израел.

Во понеделникот, израелски воени авиони го бомбардираа штабот на цивилната одбрана во градот Газа, при што загинаа седум здравствени работници. Уште десет болничари и лекари загинаа на работното место, соопштија здравствените власти.

Израел собира војници на границата во очекување на копнена офанзива, но портпаролот Хехт рече дека нема конкретна одлука за тоа.

Повеќе од милион Палестинци ги напуштија своите домови, а 60 отсто од нив сега се во областа долга 14 километри јужно од зоната на евакуација, соопштија ОН.

Слични содржини