Курти: Постојаните закани од Србија го загрозуваат мирот во Косово, но и во целиот регион

од Radmila Tasevska
327 прегледи

Косовскиот премиер, Албин Курти изјави дека постојат докази за низа дејствија кои Србија ги презема долж границата со Косово, а кои, според него, ги поткопуваат мирот и стабилноста, не само во Косово, туку и во целиот регион, јави дописникот на МИА.

Во своето денешно обраќање пред Академијата за јавна безбедност на Косово, Курти рече дека Србија со своите постапки продолжува воено да му се заканува на Косово.

– Србија продолжува воено да ѝ се заканува на Република Косово, до тој степен што ја поставува својата воена артилерија околу нашата граница. Покрај тоа, има изградено 48 предни или офанзивни бази, како и 28 воени и 20 жандармериски бази околу нашата граница. Тоа го направи долж нашата гранична линија, долга 381 километар и претставува постојана закана за безбедноста на нашата земја, рече Курти.

Меѓутоа, порача тој, непријателските дејствија на Белград кон Косово воедно ги загрозуваат мирот и стабилноста во целиот регион.

– Опасните дејствија на Србија, нејзините територијални претензии кон Република Косово и борбата против нашата државност со сите можни механизми, ги поткопуваат мирот и стабилноста во регионот и пошироко, рече Курти, според соопштението на службата за информирање на неговата кабинет.

Косовскиот премиер истакна дека неговата влада е секогаш посветена на справувањето со актуелните предизвици во земјата, „но и на решавање на споровите со соседите преку дијалог, особено со Србија, како рамноправни страни, врз основа на принципите на реципроцитет и взаемно признавање меѓу државите“.

– Овие принципи за нас се гаранција за траен мир и долгорочна стабилност во нашиот регион, додаде Курти.

Тој изјави дека институциите на Косово секојдневно се посветени на градење безбедна држава.

– Да ги подигнеме и зајакнеме нашите капацитети за заштита на нашата земја и народ. Како сериозни и доверливи партнери на нашите сојузници, ние придонесуваме за регионалниот мир и безбедност, рече Курти.

Во услови на „актуелните глобални безбедносни предизвици“, порача Курти, „неопходно е да се помогне, да се соработува и да се комуницира со сите држави кои се потпираат на демократските вредности, да се справиме со тероризмот и злосторствата кои ја загрозуваат безбедноста на државите и народите насекаде во светот“.

Слични содржини