Министерот за труд, вработување, ветерани и социјала на Србија, Никола Селаковиќ денеска на одбележувањето на 111-годишнината од Кумановската битка истакна дека српскиот и македонскиот народ многупати во историјата споделувале добро и зло.
Селаковиќ се заблагодари на Владата на земјава, на градот Куманово, на општина Старо Нагоричане и на сите што овозможија да се одбележи овој голем настан од заедничкото минато.
„Слободно може да се каже дека, исто како пред 111 години, така и денес, никој не ги разбира Македонците како што ги разбираат Србите, ниту пак некој ги разбира Србите како што ги разбираат нашите браќа и сестри Македонци“, рече Селаковиќ.
Како што рече, на 6 октомври 1912 година војската влегла во Скопје за прв пат по 520 години.
„Тогаш првпат биеја камбаните во црквите, а за тоа сведочи и камбаната во селото Довезенац, недалеку од тука во Куманово, што беше вест за слобода“, истакна министерот.
Тој нагласи дека „нашите предци дошле овде да ги ослободат своите браќа и сестри со крв и вера кои со векови страдале под отоманското ропство“.
„Во таа добра волја, денеска дојдовме овде да им се заблагодариме на оние кои го чуваат вечниот спомен и овој вечен дом на нашите предци кои загинаа во Кумановската битка, да кажеме дека денес заедно се бориме за мир, дека заедно се бориме за просперитет на нашиот народ, нашите сопруги, деца, стари луѓе, сите оние кои живеат заедно со нас и го делат нашиот животен простор“, рече Селаковиќ.
Тој додаде дека „во борбата за мир и просперитет, се бориме за секоја нова работа, дека се бориме да работиме заедно на трети пазари и во трети земји, преку Отворениот Балкан и да ги зајакнеме нашите економии и заеднички да видиме иднина во европското семејство и заедница на народи на кои и припаѓавме пред 111 години, на кои припаѓаме и денес и на кои културно и цивилизациски ќе припаѓаме и во иднина“.
Претседателот на Народното собрание на Република Српска, Ненад Стевандиќ, им се заблагодари на Македонија и на „браќата Македонци што имаме можност заедно со раководството на Србија и заедницата на Србите во Македонија и нивните здруженија да ги посетиме сите места на нашите успеси“.
„Местата каде српската војска им донесе слобода на себе и на другите, да негуваат традиции кои служат за гордоста на луѓето кои се разбираат и живеат заедно, и би сакал да изразам посебна чест во името на раководството на Република Српска“, нагласи Стевандиќ.