Албанското обвинителство го обвини поранешниот премиер Сали Бериша и неговиот зет за корупција во врска со договорот за купување и продавање на спортски клубови и објекти, соопштија истражителите.
Канцеларијата на Специјалното обвинителство за борба против корупција и организиран криминал, познато како СПАК, во обвинението наведе дека Бериша го користел своето влијание како премиер од 2005 до 2009 година за да изврши притисок „да ги заврши процедурите за приватизација во корист на другите, вклучувајќи го и сопругот на неговата ќерка”.
Неговиот зет е уапсен во саботата вечерта, додека Бериша е пратеник и има имунитет од кривично гонење. Нему му е забрането да ја напушта државата и има обврска да се пријавува во полиција.
Кривичната постапка беше покрената во 2020 година, кога актуелниот министер за внатрешни работи, Таулант Бала, го обвини Бериша дека е вмешан во приватизацијата на теренот и другите спортски објекти на фудбалскиот клуб Партизани во албанскиот главен град Тирана, кои подоцна беа заменети со повеќекатници.
Бериша го обвини премиерот Еди Рама дека го организирал целиот случај.
„Тој им нареди на своите платеници обвинители… Обвинувањата се неосновани и се директен политички напад на Еди Рама врз мене“, им рече Бериша на новинарите во саботата.
Соединетите Американски Држави му забранија на Бериша и неговото семејство да влезат во земјата во 2021 година со образложение дека како премиер бил вмешан во „коруптивни дела како проневера на јавни средства и мешање во јавни процеси, што вклучува злоупотреба на моќта за лична корист и збогатување на политичките сојузници и членовите на семејството“.
Бериша беше претседател од 1992 до 1997 година, веднаш по падот на комунизмот во Албанија, и премиер од 2005 до 2013 година.
Тој сега е лидер на Демократската партија, најголемата опозициска партија, но води одделни правни битки околу неговото лидерство со друга партиска фракција.