Оданочувањето на најбогатите ќе му донесе на светот 250 милијарди долари годишно

од Vladimir Zorba
2,8K прегледи

Владите треба да отворат нов фронт во борбата против даночното затајување со воведување на глобален минимален данок за најбогатите, што би собрало 250 милијарди долари годишно, пресмета Европската даночна опсерваторија.

Тоа е само два отсто од имотот од речиси 13 трилиони долари на 2.700 милијардери ширум светот, открила истражувачката група од Париската школа за економија во извештајот објавен денеска.

Милијардерите де факто во многу земји плаќаат даноци со многу пониски стапки од даночните обврзници со скромни средства, бидејќи тие можат да го „паркираат“ богатството во фиктивни компании кои ги штитат од даночните обврски, вели групата во Глобалниот извештај за даночно затајување.

„Ние веруваме дека е тешко да се оправда ова (даночната дупка -н.з.) бидејќи ја поткопува одржливоста на даночните системи и социјалната прифатливост на оданочувањето“, рече директорот на Опсерваторијата, Габриел Зукман.

Се проценува дека милијардерите во САД плаќаат данок на богатство со стапка од близу 0,5 отсто, додека во Франција, земја со генерално високи даноци, тие се речиси ослободени, забележува институтот.

Продлабочувањето на нееднаквоста во одредени земји веќе доведе до барања најбогатите граѓани да плаќаат повеќе даноци, со оглед на притисокот врз јавните финансии во контекст на стареењето на населението, климатската транзиција и долгови од пандемијата.

Предлогот на американскиот буџет за 2024 година предвидуваше минимален данок за најбогатите 25 отсто, но падна во втор план поради спорот во Конгресот за блокадата на буџетските трошоци и лимитот за задолжување, забележува Ројтерс.

Координирана меѓународна иницијатива за оданочување на милијардерите може да донесе резултати само за неколку години, признава институтот, но потсетувајќи на успешната борба против банкарската тајна и корпоративната практика на префрлање на профитот во земји со пониски даноци.

Автоматската размена на информации за сметките ги намали износите во даночните раеви за две третини од 2018 година, проценува Опсерваторијата.

Договорот од 2021 година ќе го ограничи просторот за маневрирање на мултинационалните компании да ги намалат своите даночни обврски со резервирање на добивки во земји со ниски даноци со поставување на даночен праг од 15 проценти од 2024 година.

„Многумина мислеа дека такво нешто е невозможно да се постигне, но сега знаеме дека и тоа е можно“, изјави Зукман.

„Логичниот следен чекор би бил примена на тој модел во оданочувањето на милијардерите, не само на мултинационалните компании“, додаде тој.

Доколку не се обезбеди широка меѓународна поддршка, „коалицијата на волните“ треба да преземе иницијатива, смета тој.

Укинувањето на банкарската тајна и минималниот данок на добивка стави крај на конкуренцијата во намалување на даноците, но не ги затвори сите „дупки“, посочуваат авторите на извештајот.

Богатите го замениле ставањето пари во даночните оази со купување недвижен имот, а компаниите можат да ги искористат дупките во минималната даночна одредба од 15 проценти.

Денес, владите се повеќе се натпреваруваат со субвенции, иако тоа е помалку штетно за нивната даночна основа отколку конкуренцијата со ниски даночни стапки, според Опсерваторијата.

Слични содржини