Од денеска се укинуваат два воза дневно на релацијата Скопје-Битола-Скопје. Патниците на оваа релација ќе можат да ги користат само возовите кои поаѓаат од Скопје во 14.30 часот и во 03.13 часот од Битола. На официјалната страница на „Македонски Железници“, без да се наведат подетални информации, само пишува дека овие измени ќе важат се до нивно отповикување.
„ЖРСМ Транспорт АД Скопје – Патнички сообраќај ги известува корисниците на услуги кои патуваат на релација „Битола – Прилеп – Велес – Скопје“ и обратно дека од ден 25 октомври (среда) сообраќајот на патничките возови на оваа релација ќе биде организиран само со возовите бр. 643, кој поаѓа од Скопје во 14:30 часот и воз бр. 640 кој поаѓа од Битола во 03:13 часот. Овие измени ќе важат од 25.10.2023 година до нивно отповикување“, се вели во соопштението од оваа државна компанија.
Патничките возови меѓу Скопје и Битола се најкористени според бројот на превезени патници, a се очекува ваквата одлука на Железници на РСМ-Транспорт да предизвика незадоволство особено меѓу граѓаните на Прилеп и населението од Азотскиот регион, кое нема друга форма на превоз кон Прилеп, Велес и Скопје, освен возот. Според податоците на Државниот завод за статистика, прилепската железничка станица е трета по големина во земјава со 60.000 отпатувани патници во 2022 година, по Скопје (150.000) и Велес (116.000 патници).
Единствени возови што остануваат во сообраќај се двата пара возови меѓу Скопје и Гевгелија, додека меѓу Скопје и Велес ќе има само шест пара возови дневно. Историјата на Македонски железници не познава волку мал број на поаѓања на возови во домашниот железнички сообраќај што некогаш претходно бил организиран од државната железница.
Одлуката доаѓа неколку месеци откако Железница ги укина сите четири пара возови на релацијата Скопје-Куманово-Табановце-Скопје, за што жителите од Куманово и кумановско кои работат во Скопје жестоко реагираа. Инаку, веќе со години нема возови ниту до Белград и до Солун.