Повеќе од 114 милиони луѓе во светот во моментов се присилно раселени, што е најголем број досега, објавија Обединетите нации.
„Бројот на раселени лица поради војна, прогон, насилство и кршење на човековите права во светот веројатно надмина 114 милиони на крајот на септември“, соопшти агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР).
Во првата половина на 2023 година, главната причина за раселување на населението беа конфликтите во Украина, Судан, Мјанмар и Демократска Република Конго, но и долгорочната хуманитарна криза во Авганистан и комбинацијата од суша, поплави и несигурности во Сомалија.
Повеќе од половина од раселените мораа да ја преминат границата, додава агенцијата. Речиси една третина од раселените во светот се жители на три земји – Авганистан, Сирија и Украина.
„Вниманието на светот во моментов, со причина, е насочено кон хуманитарната катастрофа во Газа. Но, на меѓународно ниво, многу конфликти се шират и се интензивираат, земајќи невини животи и принудувајќи ги луѓето да заминат од нивната татковина“, рече лидерот на агенцијата на ОН, Филипо Гранди.
Во својот извештај во кој дава податоци за првата половина на 2023 година, УНХЦР проценува дека во светот во средината на јуни имало 110 милиони раселени лица, што е за 1,6 милиони повеќе отколку во истиот период во 2022 година.
Агенцијата забележува дека во следните три месеци тој број уште повеќе се зголемил и на крајот на септември достигна 114 милиони.
Според тоа, таа проценка не ги зема предвид 1,4 милиони Палестинци кои, според ОН, беа раселени во Појасот Газа по 7 октомври, кога започна војната меѓу Израел и Хамас.