Министерот за внатрешни работи Џељаљ Свечља изјави дека има разузнавачки информации дека во Србија „и други групи се обучуваат за можни напади на Република Косово“, пишува Коха, пренесе КоСсев.
Поканет во емисијата „60 минути“ на КТВ, еден месец по убиството на наредникот Африм Буњаку во нападот во Бањска, Свечља изјави дека покрај Милан Радоичиќ, во очекуваните напади ќе учествува и Звонко Веселиновиќ.
Тој најави дека овие групи се обучуваат во воени бази околу границата со Косово.
„Имаме разузнавање дека се обучуваат и други групи, дека не само Радоичиќ, туку и Веселиновиќ ќе бидат дел од идните напади доколку дозволиме да се случат, со единствена цел да предизвикаат нова ситуација на теренот каде што позицијата на Србија би се подобрила во нивната цел да го уништат Косово“, рече Свечља.
Министерот за внатрешни работи додаде дека Косово ќе ги исполни сите процедури за да побара екстрадиција и судење на Радоичиќ пред судскиот систем на Косово.
„Не само кон него, туку и кон оние кои го планираа овој напад врз територијалниот суверенитет на Република Косово, нема да застанеме тука“, додаде тој.
Свечља рече дека државата Србија, Владата и претседателот на Србија се одговорни за она што се случи во Бањска на 24 септември.
„Тие ја планираа, регрутираа, тренираа, вооружуваа и ја донесоа оваа терористичка група до границата, што беше само еден бран на терористи кои планираа да влезат во Косово. Имаше друга група во Косово“, рече тој.