Здружената албанска опозиција го обвини Османи дека ја злоупотребува ОБСЕ за да влијае на набљудувањето на изборите

од Nikola Popovski
217 прегледи

За време на посетата на Старата скопска чаршија, тројцата лидери на албанскиот опозициски фронт, лидерите на Алтернатива, Беса и Демократско движење, Африм Гаши, Билал Касами и Изет Меџити одржаа кафе-средба со граѓаните. Во оваа прилика, тројцата лидери на албанскиот опозициски фронт обвинија дека министерот за надворешни работи Бујар Османи како претседавач на ОБСЕ ја злоупотребил функцијата да влијае врз набљудувањето на изборите следната година.

-За нас приоритет број 1 е создавањето на предуслови за слободни, фер и демократски избори. До нас стигнуваат информации дека Бујар Османи, се обидувал претседавањето со ОБСЕ да го злоупотреби за влијание врз одлуката за бројот на набљудувачи на изборниот процес. Јасно порачуваме дека точно знаеме на што се подготвени за да се обидат да го заштитат нелегално стекнатото богатство. Разработуваме сериозна стратегија за справување со сите евентуални злоупотреби. Здружената Албанска опозиција има легитимитет да бара соодветна застапеност во изборните органи. Земајќи предвид дека пратениците Фадиљ Зендели и Сафијe Садики Шахини, поднесоа конкретна иницијатива за пополнување на нашето место член на ДИК, бараме пратениците на ДУИ и СДСМ да не бараат изговори за да ја одолговлекуваат или евентуално со нерационални толкувања да избегнат исполнување на законската обврска. Што се однесува до тоа дали претседателските и парламентарните избори треба да се одржат во исто време или раздвоени, сметаме дека е целосно нерационално да се прави двоен трошок, но сакаме да ги чуеме аргументите на ДУИ и СДСМ со кои пред граѓаните ќе ја бранат оваа ирационална позиција. Подготвени сме за двете сценарија, истакнаа тројцата.

Оттаму велат дека ДУИ одамна е откажан од уставните измени и дека единствената причина за враќањето на Груевски е на таков начин да издејствува пазар со раководството на ВМРО-ДПМНЕ.

-Се надеваат дека Груевски ќе им обезбеди позиција и со изгубени избори да можат да издејствуваат концентрациона Влада за која ќе се пазарат и со пратениците на СДСМ. Време е ДУИ да ги слушаат пораките и на министрите од Алијанса на Албанците. И опозиција е за луѓе. Албанците на изборите ќе им ја испорачаат фактурата на ДУИ. Нема прошка за кокетирањето со Груевски кој е политичарот кој не само што нанесе штета на Албанскиот народ туку како Премиер со антиквизацијата ја оддалечи државата од ЕУ. Врвно лицемерие е сега ДУИ да манипулира дека Груевски ќе ни ги донесе ЕУ вредностите од Будимпешта, стои во заедничката изјава на тројцата лидери.

Слични содржини