Средба на Џафери со албанскиот министер за правда

од Stefanija Kuzmanovska
177 прегледи

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска имаше средба со министерот за правда на Република Албанија, Улси Мања, кој е во земјава во рамки на Министерскиот форум ЕУ – Западен Балкан за правда и внатрешни работи што се одржува за време н на Претседателството на Кралството Шпанија со Советот на Европската Унија.

Како што се наведува во соопштението од Собранието, на средбата е оценето дека двете земји ги врзува взаемно и искрено пријателство и соработка којашто има тенденција во наредниот период уште повеќе да се зајакнува во рамки на ЕУ интеграциите. Џафери го информирал албанскиот министер за правда дека процесот на уставните измени како услов за влегување во следната фаза на меѓувладината конференција, на која треба да започне отворањето на преговарачките кластери, треба да се заокружи во текот на оваа година.

Џафери, како што се посочува, се задржал и на позитивните ефекти од регионалната иницијатива Отворен Балкан, каде што заедно со Албанија и Србија се отвораат можности за регионално поврзување и соработка што претставува показател за напредокот на земјите од регионот кон нивна европеизација и отворање на патот кон членство во ЕУ.

Алабанскиот министер за правда, како што стои во соопштението, изразил задоволство и благодарност за можноста за средба со претседателот на Собранието Џафери и пројавил интерес за актуелните процеси што се одвиваат во Собранието, особено за текот на разгледувањето на Предлог Деловникот којшто е предлог на Џафери, но и резултат на долгогодишниот конструктивен и консензуален придонес на сите парламентарни политички претставници.

Слични содржини