Нови сведоци повторно на Анкетната комисија каде се испитува случајот „Онкологија“. Денеска пред пратениците, одговараше на прашања поранешниот директор на клиниката Нино Васев, кој беше разрешен од поранешниот министер за здравство, Беким Сали, кој пак, сметаше дека Васев неефективно менаџирал со Онкологија. Васев призна дека се користеле лекови земени на реверс. Според него, тоа е правно недозволиво, но го практикувале оти Хипократовата заклетва ги обврзува да не ги остават пациентите без лекови.
Тој објасни дека на реверс се земале лекови само во случаите кога не смееле да дозволат да се прекине терапијата на пациенти кои веќе почнале да ја примаат.
-Прво апсолутно се согласувам дека реверсот не треба да се користи. Главна намена на реверсите беше да не се прекине биолошката терапија која почнале да ја земаат пациентите. Тендерската постапка за тие лекови беше почната, не е земен реверс без постапка. Постапката беше почната, но два-три месеци задоцни. Ниту јас, ниту кој било не смееше да го загрози животот на пациентите кои веќе почнале да ја примаат терапијата. Тие лекови значеа живот за нив, и тоа е поскапо. Не знам што би кажал друго тука. Тука се крши Хипократовата заклетва со правната одговорност на Институтот. Тие две заклетви овде не може да ги споите. Па не сме земале столици и градежен материјал, сме земале лекови од една фирма кога и не може друга да конкурира. И второ јас сум се обезбедил со писмо што ќе ви го доставам дека ако тие фирми изгубат на тендерот ќе биде донација тој лек. Тоа писмо ќе го доставам кај вашата претседателка, рекол меѓу другото Васев.