Јеменските Хути, поддржани од Иран, во вторникот соопштија дека лансирале „голем број“ балистички ракети и дронови кон Израел.
„Ројтерс“ пренесува дека воениот портпарол на групата, Јахја Сари, рекол дека оваа операција е трета на која цел ѝ е Израел и дека ќе има уште повеќе.
АФП пренесува дека високиот ирански дипломат Хосеин Амир-Абдолахиан, додека бил во Катар, рекол дека е „природно“ групите поддржани од Техеран да го напаѓаат Израел во светло на неговата војна против Хамас, предупредувајќи на пошироко прелевање доколку не се постигне прекин на огнот.
„Природно е групите и движењата на отпорот да не молчат против сите овие злосторства. Тие нема да чекаат ничиј совет, затоа треба да ги искористиме последните политички можности за да ја запреме војната“, рече Хосеин.
Да потсетиме, Хутите сега го имаат можеби најсофистицираниот арсенал на балистички ракети и беспилотни летала меѓу иранските регионални сојузници и застапници, познати како „Оската на отпорот“, според аналитичарите од Блискиот Исток.