Актерот Роберт де Ниро има постигнато бројни значајни улоги во култни продукции, а публиката ширум светот го обожава.
Како што е познато, Де Ниро досега неколку пати ја посетил Србија. Еднаш дошол како студент, а потоа два пати за да промовира филмови. Прво го промовираше „Кум 2“, а потоа и хитот „Њујорк, Њујорк“.
Актерот неколку пати зборуваше за својата прва посета на Србија, кога патувал со автостоп.
„Немав пари, па стопирав камиони на патот. Сакав да стигнам до Белград. Камионџија ме возеше до главниот плоштад во Ниш и ме остави таму. Врнеше, се стемнуваше, а јас се најдов сам во непознат град, среде ноќ. Сепак, сакав да почувствувам како пулсира животот во Ниш. Не се чувствував поразличен од светот околу мене. Фармерки, маица, ранец на грб, малку пари во џеб…“, започнал Де Ниро.
„Запирав луѓе на улица надевајќи се дека некој ќе ме разбере. Тогаш еден случаен минувач одговори: ‘Оу јес’, и ми олесна. Му реков дека барам место за престој, но не во хотел. Сакам да видам како се живее кај вас, а во хотелите престојуваат странци. Тој ми одговори: ‘Океј, океј’ и ме покани да дојдам со него. Ме одведе на мала улица, стигнавме во зграда, многу обичен стан. Се појавија неговата сопруга и двете деца, поспани, само што станаа од кревет. ‘Ова е мојот стан, ова се мојата сопруга и децата. Можеш да преноќиш кај нас, ќе ти најдеме нешто за јадење’, ми рече. Веројатно прочита некоја комбинација на изненадување и задоволство на моето лице“, продолжи актерот и додаде:
„Бев воодушевен. Не очекував потполни странци да ме прифатат така. Човекот ми рече дека можам да се чувствувам како дома. Оттогаш поминаа 10 години и сè уште се сеќавам на сè во детали“.
Де Ниро бил на ФЕСТ во 1976 година во Белград и тогаш била направена фотографија на која се гледа како актерот игра оро. Како што објавија медиумите, фотографијата била направена во Домот на синдикатот, а Де Ниро го заиграл „Моравац“ откако бил понесен од атмосферата.