На интернет започна жестока дебата откако авиокомпанија воведе таканаречена „зона без деца“.
Иако на никого не му е забавно да седи до расплакано дете со часови, некои се прашуваат дали забраната за влез во делови од авионот е прифатливо решение за децата.
„Авиокомпаниите очигледно размислуваат за воведување зони без деца во авионите, но навистина е тажно колку малку луѓето имаат толеранција за бебињата и децата. Толку многу што се однесуваат како да немаат место во јавноста“, се наведува во публикацијата што ја започна дебатата.
Свое мислење дадоа повеќе од сто луѓе.
„Забележав дека луѓето се лути на децата во јавноста повеќе од кога било досега. Обично им се смеете, но сега тоа се менува. Тоа е чудно и тажно“, напиша една личност.
Некои коментираат дека мислат дека идејата за воведување зони без деца е одлична бидејќи „не сакаат да толерираат врескање на бебиња на повеќечасовен лет“.
„Мислам дека се што се случува е мотивирано од промени во родителството. Кога бев тинејџер, децата се однесуваа добро. Денеска има се повеќе деца, а нивните родители не се симнуваат од мобилните“, вели друг.
Трет додаде дека „наместо да се жалат на луѓето кои лошо реагираат на однесувањето на децата, тие треба да се фокусираат на учење на нивните деца како да се однесуваат во јавност“.
Дебатата е резултат на најавата на авиокомпанијата „Корендон“ дека делови од нивните авиони ќе бидат само за возрасни, што значи дека малите деца нема да бидат дозволени со нив.
На летовите меѓу Амстердам и островот Курасао, од завчера предниот дел на авионот е физички одвоен од остатокот од авионот.
„Ѕидовите и завесите создаваат заштитена средина која придонесува за мирен и релаксиран лет“, објаснуваат од компанијата, додавајќи дека има девет XL седишта со дополнителен простор за нозете и 93 стандардни седишта во зоната за возрасни.
Резервација на место во зоната за возрасни е возможна само за лица над 16 години и чини 45 евра во стандардната зона и 100 евра во зоната XL.